Владата дала насока до Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на јавниот оглас за набавка на службени возила да види дали може одреден процент, од 20 до 50 отсто да се вклучат еколошки возила.
Ова го соопшти премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање при пуштање во употреба на спортска сала во основното училиште во Волково.
– Постојано го намалуваме и ќе го намалуваме бројот и дадовме инструкција на објавениот тендер на СОЗР да се види дали може 20, 30, 50 отсто да се вклучат во набавката електрични или еколошки возила, а инструкциите дадени до сите институции се да не набавуваат ако не мораат и да преминат на еколошките транспортни средства. Секако, индивидуално може секој да користи велосипед, електричен тротинет, секако да го користиме јавниот превоз, а онаму каде мора како за инспекторатите, болнички возила да се набавуваат модерни еколошки возила вклучително електрични каде ќе одиме со 0 проценти царини, данок, па дури и хибридните за да можеме да одиме во духот на заштита на животната средина и секако Владата да биде пример – изјави премиерот Заев.