Владата ќе им додели 30 милиони денари на невладини организации за мерки против корона вирусот

0
960
Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со КОВИД-19 кризата, според која ќе бидат издвоени 30 милиони денари преку грантови во износ од 600.000 до 900.000 денари.
Од Владата информираат дека тоа се прави за неколку приоритетни цели, како и информирање на јавноста за мерките и препораките, правна помош, психолошка помош или совети за безбедност, помош и поддршка на децата од социјално загрозените семејства и децата од руралните средини за учење од дома, помош и поддршка во грижата за стари лица, жртви на семејно насилство и други ранливи групи и во нивното приспособување на условите, набавка и дистрибуција на хуманитарна и санитарна помош за социјално загрозените и маргинализираните групие, едукација, директна помош и поддршка на лица со хронични болести, стари и изнемоштени лица, лица со зависности, самохрани родители…
Понатаму, овие средства ќе бидат наменети за директна поддршка за ранливи категории на работници/чки од ниско платени гранки и на ранливи групи со ниски примања, правна помош на граѓаните од најпогодените заеднициа, анализа на влијанието на пандемијата, вклучувајќи ги и економските ефекти од кризата, промоција на домашното земјоделско производство, антикорупциска проверка на политиките, предлози за структурни промени и нови политики во областа на здравството, образованието, социјалната заштита, животна средина, информирање за заштитата на човечките права и ризикот од стеснување на просторот за граѓанските слободи, справување со дезинформации, лажни вести, стигматизација…
Здруженијата и фондациите, на кои ќе им бидат доделени средства ќе достават извештај за користење на средствата до Генералниот секретаријат на Владата, кој се грижи и за реализацијата на програмата и кој доставува извештај за реализација на оваа програма до Владата.