Македонската влада планира да ги намали царините за 67 производи коишто се користат во домашната индустрија, но и да ги укине царинските стапки за стоките кои доаѓаат од САД, најави Гордана Димитриеска – Кочоска
Македонската влада планира да ги намали царините за 67 производи коишто се користат во домашната индустрија, но и да ги укине царинските стапки за стоките кои доаѓаат од САД во Северна Македонија. „На ваков начин сметаме дека ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена“, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.
Според министерката, САД се стратешки партнери на Македонија и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес.
„Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија“, нагласи Димитриеска – Кочоска.