ВЛАДАТА НА БАРАЊЕ НА КАФАНЏИИТЕ ПОДГОТВУВА ИЗМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ : Во секој ресторан и хотел ќе има соба за пушачи, кафанџиите се жалат дека драстично им паднал прометот овие години, во овој сектор работат 10 000 народ!

0
982

Угостителските објекти во последните години поради ригорозните мерки и екстремно високите казни имаат намален промет, а морале и да отпуштат дел од своите вработени. Една од клучните измени која се предвидува со новите законски измени е да се даде можност сопствениците да определат посебна просторија за пушачи, а сите останати делови јасно да ги означат како забранети за пушење цигари.

„Во објектите во кои се сместуваат гости, може да се определат соби за сместување за пушачи, но најмногу до 30% од вкупниот капацитет на објектот“, стои во предлогот за измена на членот 3.

Исто така измени ќе претрпат и одредбите кои го регулираат пушењето надвор од објектите.
„Се забранува пушењето во јавните простории од членот 2 на овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично), исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или 11 најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со тенди, чадори и слично, а кој странично е заграден (дискоклубови на отворен простор, тераси, летни бавчи и слично).“

Пратениците исто така планираат и промена за правните лица.

„Во јавните простории од член 2 на овој закон, одговорното лице на правното лице ќе определи просторија во која може да се пуши, доколку има можности, а во сите други простории ќе истакне знак за забрана на пушењето и ќе обезбеди контрола на забраната на пушењето. Определувањето на јавни простории и истакнувањето на знакот за забрана на пушењето од став 1 на овој член ќе се изврши во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон“ стои во предлог измените на Законот за заштита од пушењето.

Решенијата содржани во предложените одредби се меѓусебно поврзани, и со истите се дава можност за заштита на правото на слободен избор и правото да се ужива во своите граѓански права, сметаат предлагачите на законот.

Уште во текот на изборната кампања се говореше дека СДСМ планира законски измени за полиберален пристап во регулацијата на пушењето на цигари на јавни места со цел да им се излезе во пресрет на угостителите, но истовремено да се обезбеди и доволен простор за непушачите.

Во предлог измените нема конкретни ставки на пример за наложување на угостителите да обезбедат соодветни внатрешни услови за вентилација или нејзино засилување според актуелните законски одредби.