Владата на денешната седница го примила предлог-текстот на Договорот за подготовка, градење и експлоатација на прекуграничниот тунел од железничката траса на Коридорот 8, кој го подготви и испрати Бугарија до македонските власти. Како што соопштија попладнево од „Илинденска“ број 2, на седницата, исто така, била донесена одлука да се формира работна група која во наредниот период ќе работи на разгледување на предлогот.
Работната група ќе ја сочинуваат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски; министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски; министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот на Јавното претпријатие „Железници на Република Северна Македонија – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
Од Владата потенцираат дека се силно посветени на изградба и модернизација на европските транспортни коридори, меѓу кои и Коридорот 8, кој, како што велат оттаму, е стратегиски проект на кој се посветува огромно внимание и како приоритет се преземаат активности за негова доизградба. „Би сакале да повториме дека целта на Владата преку Министерството за транспорт е да се продолжи изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор 8 и истиот да се поврзе со Република Бугарија“, се вели во соопштението.
Но, како што се додава во него, од Владата повторно ги потенцираат нејзините ставови, дека за пругата да биде функционална, а Коридорот 8 да има смисла и да ги исполни потребите за што е наменет, мора да има заеднички проект за тунелот со Бугарија и изградбата да се одвива заеднички во континуитет на целото тунелско решение. „Исто така потребно е од бугарска страна да се доизгради пругата што недостасува до граничната точка, како и да се модернизира пругата од Ѓуешево до Софија. Македонија од својата страна ќе изврши ревидирање на цената на чинење. Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западен Балкан и земјите од Европската Унија е клучен фактор за понатамошна интеграција која ќе донесе придобивки за економиите и граѓаните на регионот“,
се вели во владиното соопштение. Зградата на Владата на Република Северна Македонија / Фото: Архива. Дека Владата на Бугарија ѝ испратила на Република Северна Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји, бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС) соопшти на 15 јануари.
Предлогот на бугарската држава, како што беше соопштено тогаш, е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен дел на изградбата на европскиот транспортен Коридор 8, кој го поврзува Црното Море со Јадранското Море и поминува низ териториите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија.
Со потпишувањето на договорот, како соопштија од бугарското МТС, ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот, а кои мора да бидат во согласност со европското и националните законодавства на Бугарија и Северна Македонија.
Според предлогот, двете држави ќе се договорат која ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавните набавки и за надзор на изградбата. Договорот што го предлага Бугарија, доколку биде прифатен и потпишан, предвидува во рок од три месеци од неговото стапување во сила, Бугарија и Северна Македонија задолжително да подготват и да испратат до Европската комисија (ЕК) и до финансиските институции генерален распоред за реализација на изградбата. „Двете земји ќе вложат максимални напори да обезбедат грант помош за изградба на тунелот и неговата соседна железничка инфраструктура, почитувајќи ги барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T)“, се наведува во нацрт-договорот. Бугарската страна, според соопштението од тамошното МТС, е подготвена што поскоро да ги започне преговорите со Северна Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со нивно потпишување.
За потсетување, Владата на Бугарија, на 30 декември, лани го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“ и како што објави тогаш бугарското Министерство за транспорт, ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот.
За третиот дел од пругата кон Бугарија, македонската и бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи – да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.