ВИСОКОТО КОТИРАЊЕ НА АНКЕТИТЕ ГИ ФАВОРИЗИРА ПЕНДАРОВСКИ И СПАСОВСКИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКА КАНДИДАТУРА!

0
504

Политичар во кој се гледа најповолно е претседателот Пендаровски, додека, пак, Спасовски е министер кој најдобро си ја врши работата, покажа последната анкета на ИРИ, што оди во прилог на информациите дека двајцата се најсериозни кандидати за претседател на СДСМ на следните избори, кој би бил поддржан од ДУИ и другите владини партнери.

Две анкети во последниот период покажаа сосема спротивна слика за претседателот на државата Стево Пендаровски. Откако анкетарите на „Маркет Вижн“ неодамна регистрираа рејтинг од 0,2 отсто за Пендаровски, ставајќи го на дното на листата на политичари во кои граѓаните имаат доверба, најновата анкета на ИРИ даде поинакви резултати.

Имено, 1.204 испитаници од земјава во периодот меѓу 8-ми април и 4-ти мај годинава, во рамки на интервјуа спроведени во живо, при што изборот на соговорници ја одразувал структурата на населението според последниот попис, го добиле следново прашање: „Ќе ви прочитам список со имиња на политички фигури, кажете ми дали вашето мислење е многу поволно, делумно поволно, делумно неповолно или целосно неповолно за оваа индивидуа“.

Кога ќе се земат предвид и позитивните и негативните одговори, политичар на кој се гледа најповолно во земјава е токму Пендаровски, по кој следуваат поранешниот и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и Христијан Мицкоски, додека најмалку поволно се гледа на Африм Гаши, Али Ахмети и Талат Џафери. Некаде измеѓу се поранешниот и сегашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев и Димитар Ковачевски.

Стево Пендаровски – 38% поволно/ 59% неповолно;

Никола Груевски – 30% поволно/ 66% неповолно;

Христијан Мицкоски – 30% поволно/ 67% неповолно;

Димитар Ковачевски – 25% поволно/71% неповолно;

Димитар Апасиев – 24% поволно/ 65% неповолно;

Зоран Заев – 20% поволно/ 77% неповолно;

Али Ахмети – 16% позитивно/ 80% неповолно;

Талат Џафери – 15% позитивно/ 83% неповолно;

Билал Касами – 14% поволно/ 76% неповолно;

Арбен Таравари – 14% поволно/ 78% неповолно.

Исто така, испитаниците добиле уште едно прашање, но за разлика од претходното, ова не опфаќало конкретни имиња за кои анкетираните се изјаснувале, туку се барало самите да определат личност. Конкретно, прашањето гласело: „Кога помислувате на човек од политичкиот живот, која е таа една личност во Северна Македонија на која гледате најповолно?“

Притоа, испитаниците давале спонтан одговор, односно сами кажувале кој политичар им доаѓа на ум, така што оваа категорија најдобар резултат има Ахмети, кој во претходната беше еден од послабо пласираните. По него, следуваат Груевски, Мицкоски, Ковачевски, додека Пендаровски е на петтото место. Впрочем, за нив се изјасниле нешто повеќе од половина, бидејќи дури 42 проценти од испитаниците не споменале ниту едно име.

Како што може да се види, во првата категорија се бара мислење за актуелни политички лидери и поранешни партиски лидери и високи функционери, плус собранискиот спикер, додека во втората категорија се остава простор граѓаните сами да изберат политичар за кого ќе кажат мислење. Сепак, повторно се сретнуваат истите луѓе, меѓу кои е премиерот, но нема ниту еден министер.

Меѓутоа, тие се опфатени во посебен дел посветен на перформансот на владата. Во тој дел, анкетарите на ИРИ на испитаниците им поставиле две прашања. Првото е кои се трите министри од кои се најзадоволни, а второто е кои се трите министри кои тие сметаат дека не си ја вршат работата како што треба?

Во првиот случај, на прво место е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со вкупен резултат од 12 отсто, додека по него следуваат премиерот Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби, шефот на дипломатијата Бујар Османи итн. Арно ама, треба да се посочи дека Спасовски главно бил втор или трет избор, додека прв избор кај повеќе испитаници биле Ковачевски и Груби. Над половина од анкетираните, пак, одбиле да споменат било кој.