ВИКТОР ОРБАН ПРИСТИГНУВА ВО ДВОДНЕВНА ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА ЗЕМЈАВА

0
48

Унгарскиот премиер Виктор Орбан заедно со делегација од унгарската Влада, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава. Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Премиерот Христијан Мицкоски, како што информира владината прес-служба, в петок ќе оствари официјална средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација. Во петок ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот Инекс Олгица во Охрид, а по завршувањето на седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид. Во Охрид полицијата презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ денеска и утре ќе биде забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.