(ВИДЕО) Шилегов: Пералницата за пари на Никола Груевски, „Скопје 2014“ станува реална опасност по безбедноста на граѓаните на Скопје

0
503

Прес конференција на Петре Шилегов, портпарол на СДСМ:

„Последните дождови покажаа дека Скопје 2014, мегаломанскиот проект на Никола Груевски, освен што е пералница за пари, станува реална опасност по безбедноста на граѓаните на Скопје. Два дена екипи на комуналните претпријатија дежураат во прескапо платените градби во центарот на Скопје и од нив вадат фекалии кои директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

Она што постојано се предвидуваше од страна на експертите, за жал почна да се потврдува. Додека архитектите и урбанистите предупредуваа од опасносностите, Груевски и неговите послушници заслепени од дебелите провизии продолжуваа да го урнисуваат центарот на Скопје.

И покрај сите ревизии и покрај сите докази за лошо спроведните планови за градба, досега никој не поднесе одговорност. Што уште треба да се случи за да некој понесе одговорност за загрозување на безбедноста на скопјани? До кога граѓаните на Скопје ќе стравуваат од најобичен дожд? Постои ли план за заштита на градбите крај Вардар? Јавноста мора да знае дали некои од објектите од мегаломанскиот проект, претставуваат закана за општата безбедност.

Затоа и ги повикуваме сите институции да дозволат непречен пристап на новинарските екипи внатре во подрумите и темелите на објектите за граѓаните да видат како тие изгледаат.

И наместо да и објаснат на јавноста што се се прави за заштита на градбите, власта преку нејзините послушници напаѓа и брка новинари кои известуваат за штетите од криминалниот проект. Но колку и да се трудат, не можат да ги сокријат катастрофалните последици од криминалниот проект. Скопје 2014 почнува да тоне, а на површина ќе останат само фекалиите и лагите и измамите на Груевски.

Набрзо доаѓа денот кога секој ќе мора да се соочи со одговорност за своите постапки. По 11-ти декември, доаѓа нова влада на која приоритет ќе и бидат здравјето, сигурноста и безбедноста на граѓаните, а сите оние кои се огрешиле пред законот, ќе одговараат“, вели Шилегов.