(ВИДЕО) Шилегов: Во Музејот на македонската борба за државност и самостојност нацистичкиот слуга Ванчо Михајлов е претставен како херој!

0
712

Прес конференција
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ
Скопје, 12.10.2016
Денеска се наоѓаме пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност за кој се потрошени повеќе од 17 милиони евра, пари на граѓаните, а во него воопшто ги нема клучните датуми и ликови од македонската борба за државност и самостојност!

Воопшто не се спомнува 11 октомври, кој вчера го славевме како ден на народното востание и борбата против фашизмот. Ги нема првоборците од 1941, првите партизански одреди, клучните битки во НОБ, во кои партизаните и партизанките се изборија за македонската држава.

Од музејот се избришани создавањето на македонска народноослободителна војска, Февруарскиот поход, првите органи на народната власт.

Почитувани граѓани и граѓанки,

Оваа зграда не е Музеј на македонската борба за државност!

Во оваа зграда антифашистите се претставени како крвници, а фашистите и нивните соработници како жртви на комунизмот.

Во оваа зграда нацистичкиот слуга Ванчо Михајлов е претставен како херој, а се негираат вистинските херои од НОБ пожртвувано се бореа и се изборија за слобода и држава со име Македонија.

Во овој музеј нема место ни за клучните политички фигури кои се изборија без капка крв за самостојна Република Македонија!

Во името на сите комити, партизани и политичари кои се бореа, се изборија и ја изградија македонската држава, во името на правдата, во името на вистинската историја на Македонија, ветуваме дека по 11 декември ќе го ослободиме партискиот музеј на обвинетиот Никола Груевски од лажните херои и од лажната историја!