(ВИДЕО) Чадиева: Зошто Зврлевски не постапува по пријавата за упадот на ЕБР во библиотеката „Браќа Миладиновци“?

0
549

Интегрален текст од прес конференцијата на Даница Чадиева:

Либерално-демократската партија на ден 08.05.2015 година, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против непознати сторители, вооружени лица вработени во Министерството за внатрешни работи , поточно во Единицата за брзо распоредување, за сторени кривични дела – Малтретирање во вршење на службата по член 143 од Кривичниот законик, како и кривично дело, Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување по член 142 став 1. Исто така, осомничените сториле и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 1.

Имено, истите на ден 05.05.2015 год. во доцните часови, влегле во библиотеката “Браќа Миладиновци“ во Скопје и без никаков повод и причина ги нападнале вербално, физички и насилно студентите кои биле присутни во библиотеката, со изговор дека бараат демостранти. При тоа, повредиле со гумени палки неколку студенти кои во моментот се наоѓале таму, а сето тоа без никаков повод од страна на оштетените.

Со таквото дејствие, припадниците на МВР ги пречекориле службените овластувања согласно Законот за полиција, Законот за кривична постапка, како и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, каде точно се одредени нивните надлежности и начинот на постапување и ги сториле погореспоменатите кривични дела.

До денес помина точно една година откако ЛДП ја поднесе оваа пријава, меѓутоа обвинителството воопшто нема ниту едно преземено дејствие по истата. Со оглед на тоа дека обвинителството на Република Македонија, под капата на Зврлевски, е единственото политичко обвинителство, кое работи под инструкции на извршната власт и фамилијата, јавно го повикуваме Марко Зврлевски, да и’ појасни на јавноста од што се раководи обвинителството во ваква селективна правда кога вчера, а исто така и пред 10-тина дена во експресно брза постапка, беше покренато обвинение против тројца учесници–протестанти од шарената револуција и беше побаран притвор (неоснован секако) од страна на обвинителството, а во случајов со малтретираните истепани студенти во бибилиотеката, до денес не е преземено ниту едно дејствие иако за критичниот настан постојат и сведоци и видео снимки и други материјални докази.

Во случај кога обвинителството не ги извршува своите работни задачи, должни сме уште еднаш како подносители на оваа кривична пријава да му укажеме на обвинителството и на Марко Зврлевски, дека јавното обвинителство согласно законот ги гони сторителите на кривични дела и на други, со закон утврдени, казниви дела. Согласно член 5 од истиот закон, Јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно како и став 2 – Јавниот обвинител во вршењето на функцијата обезбедува еднаквост на граѓаните пред Законот, независно од полот, расата, бојата на кожата, национално и социјално потекло, политичкото и верско уверување и имотната и општествена положба.
Го прашуваме јавно обвинителот Марко Зврлевски, зошто и по една година, сеуште нема покренато постапка за овој предмет и дали обвинителството ги штити интересите на граѓаните на Македонија, или оние на врхушката на власта.

Непостапувањето е кривично дело, ако се раководиме од Кривичниот закон на Република Македонија.
Ова е уште еден цврст доказ за потребата од Специјално јавно обвинителство, како независна институција која треба повторно да го воспостави владеењето на правото во државата.
Порачуваме, дозволете им на институциите независно да си ја вршат работата, олеснети од партиските притисоци, затоа што државните органи им припаѓаат и служат на сите граѓани на Македонија, а не на одредена група индивидуалци од власта.