(ВИДЕО + ФОТО ГАЛЕРИЈА) ПРИЛЕП СТАНУВА ЛУЛКА НА КУЛТУРАТА И БИЗНИСОТ : Градоначалникот Јованоски им го честиташе признанието на трите најуспешни менаџерки на Прилеп

0
1363

Трите најуспешни менаџерки од Прилеп за 2017. денеска на покана на градоначалникот Илија Јованоски, беа гостинки во неговиот кабинет. Ирена Јакимоска, сопственичка на прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи -ангел“, Јана Јанеска-Ристеска, генерален менаџер на Центар за современа и ликовна уметност во Прилеп и Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во Витаминка ги добија неодамна овие признанија од агенцијата „Марили“ во изборот од Топ 10 за 2017. што се организира традиционално речиси 2 децении во Скопје.

„Тренд е во светот, посебно при крајот на овие две децении од новиот милениум, што повеќе жени да бидат менаџерки во разни компании, институции, фондации, агенции… итн. Нивните менаџерски способности доаѓаат до израз се’ повеќе и повеќе, а докажано е дека жените се подобри организатори и подобро управуваат и ракуваат со парите. Во оваа прилика сакам да им честитам на нашите три сограѓанки, кои што минатиот месец добија престижни награди како врвни менаџерки за 2017 година. Успешноста на нивната кариера сите ја знаеме, а се надевам дека тоа ќе продолжи и во иднина со посилно темпо“, истакна градоначалникот Јованоски.

За импресиите од наградите, за низа прашања коишто го тангираат животот и потребите на современата жена, во тие рамки и на жената менаџер, се разговараше на оваа средба закажана во нивна чест.

„Сакам да се заблагодарам на укажаната чест од градоначалникот Јованоски. Ние можеби и не сме толку свесни дека имаме постигнато
таков успех, но кога некој ќе ви укаже чест и ќе ви даде таква награда, тогаш станувате свесни за она што сте го постигнале“, вели Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во Витаминка.

„Многу значи да се оддаде признание на ваков начин. Жените, се надевам, дека се иднината на нашето општество. Јас конкретно се занимавам со култура и мислам дека на некој начин можам и економијата во Прилеп да ја развијам преку културата“, посочи Јана Јанеска-Ристеска, генерален менаџер на Центарот за современа ликовна
уметност од Прилеп.

Според Ирена Јакимоска, не е важно дали си маж или жена, туку најважно е да си човек, личност која си го сака својот град, својата држава, своите соработници и вработени и како што рече, токму оттука произлегуваат резултатите во работата.

„Особено ми е мило што овој момент го означи со посебна карактеристика градоначалникот Илија Јованоски. Пријатно сум изненадена од подарокот, зошто ретко добивам подароци, секогаш подарувам и ми е многу драг. Ви благодарам на честа што во сите три, без разлика што сме од различни функции и области, сте препознале менаџерство. Се разбира тука не застануваме, одиме понатаму кон нови предизвици“, истакна Јакимоска, сопственичка на прилепската конфекција „Комфи Ангел“.

На најуспешните жени менаџерки од Прилеп, градоначалникот Јованоски им подари и пригодни подароци.