Власта на Никола Груевски ги задолжува граѓаните со 345 милиони евра преку буџетскиот дефицит што се зголемува. Со предложениот ребаланс дополнително ја зголемуваат и ставката за задолжување од странски извори на 556 милиони евра! А кратат 45 милиони евра за капитални инвестиции, рече Томислав Тунтев од СДСМ. Оваа власт крати на основите потреби на граѓаните и со тоа продолжува да ги сиромаши и да го кочи развојот на економијата.
Додека ги продолжуваат непродуктивните трошења за милионски барок што скапува, палми кои се сушат, потопени галии, за криминални провизии и лични интереси: -Ги намалуваат средствата за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 400 илјади евра! -Ги намалуваат парите за изградба на водоводи и канализации за над 390 илјади евра!
-Ги намалуваат парите за развојни програми во здравството за 4.5 милиони евра, од коишто најмногу кај изградбата нови болници и амбуланти во руралните подрачја. -Ги намалуваат парите за патишта и инфраструктура! Се кратат 23 милиони евра само за железничката инфраструктура! Во првиот квартал од 2016 година реализирани се само 13 проценти од предвидените инвестиции во инфраструктурата.
А овој ребаланс уште крати 10 проценти од сумата за капитални инвестиции што ја најави Ставрески во Буџетот за 2016. Само за пример, во последните 6 години, на криминален начин од Буџетот се потрошени најмалку 630 милиони евра за споменици и фасади, додека 75 проценти од средствата за реконструкција и одржување на патиштата се од заеми и кредити. Затоа 1 километар автопат во Македонија чини три пати повеќе од другите држави од регионот.
Готови автопатиштата и по 10 години нема. А за една деценија се изградени само 7 километри автопат! Ситуацијата дополнително ќе се влоши со скратените пари од ИПА фондовите што ќе се одрази врз слабиот инфраструктурен развој. Без инфраструктурен развој и капитални инвестиции нема отворање реални работни места, ниту реален економски раст.
Новата одговорна Влада што ќе добие чест да ја предводи СДСМ целосно ќе ги укине непродуктивните трошења… Парите од граѓаните ќе ги насочиме кон забрзан развој инфраструктурата и економијата и со тоа подобрување на животниот стандард на граѓаните.