(ВИДЕО) Тевдовски: До април 2017 година ќе ја подигнеме минималната плата на 12 илјади денари, до крајот на мандатот таа ќе изнесува до 16.000 денари

0
571

За кратко почнува реализацијата на нашиот План за живот во Македонија. Македонија ќе биде добро место за живеење на сите граѓани, рече денеска Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија при СДСМ.

– Растот на платите е еден од клучните елементи на нашиот План. Цврсто стоиме зад растот на платите во Македонија. Има простор платите да растат во Македонија. Ако се гледа вкупната македонска економија, учеството на платите и надоместоците за вработените во БДП е сериозно намалено во земјава, а за сметка на ова е зголемено учеството на профитот во БДП.

Ако се гледа само јавниот сектор, платите на администрацијата во Македонија и Албанија се на дното во регионов. Така, делот за плати во Македонија изнесува 6,9% од БДП, и е понизок од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора како што може да се види од овој графикон.
Мнозинството граѓани во земјава нема приходи од капитал, туку живеат само од својот труд. Затоа, за да се подигне нивниот животен стандард, потребно е Македонија да излезе од мизерно ниското ниво на плати. Нашиот План за живот содржи мерки кои ќе прават притисок платите во Македонија да растат.

Еве неколку од нив:

Како што се обврзавме во Планот, до април 2017 година ќе ја подигнеме минималната плата на 12 илјади денари. До крајот на мандатот таа ќе изнесува до 16.000 денари.
Ќе ги зголемиме платите платите во здравството и образованието. За две години, ќе ја изедначиме почетничката наставничка плата со просечната плата во државата, а двојно ќе ги качиме платите на лекарите и здравствените работници.

Ќе создадеме услови за подобро организирање на работниците при преговарањето за платите, со тоа што колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер.

Ние сме решени битката за повисоки плати да ја водиме заедно со поставувањето на другите темели на праведното општество во Македонија, како на пример, фер даночен и социјален систем, контролни механизми за луѓето на власт, целосна транспарентност во јавните расходи и повторно подигање на срушеното јавно образование и здравство – рече Тевдовски.

На прашањето, дали ова значи дека нема СДСМ да ги намали платите, како што обвинува ВМРО-ДПМНЕ, Тевдовски одговори:

– Апсолутно дека нема да ги намалиме платите. Ние мислиме дека излезот за Македонија е во раст на платите. Тоа ќе креира дополнителна потрошувачка и тоа ќе биде стимул за зголемување на продуктивноста во македонската економија.