(ВИДЕО) ТАЛЕСКИ : ПОЛИЦИЈАТА ДЕНЕС Е ЗАШТИНИК И ПАРТНЕР НА ГРАЃАНИТЕ И ЕФИКАСНО И НЕСЕЛЕКТИВНО СЕ БОРИ ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ

0
163

Прес-конференција на СДСМ, Миле Талески , пратеник на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Во изминатите неколку години полицијата се професионализираше и стана вистински заштитник на граѓаните, чувар на мирот и безбедноста.

Во изминатиот период сведоци сме на професионално, ефикасно и неселективно постапување на полицијата во борбата против криминалот и корупцијата.

Таквиот однос на полицијата се должи на политиките на СДСМ и секако на одговорното, посветено управување од страна на Министерството за внатрешни работи и министерот Оливер Спасовски.

Постојано се вложува во човечкиот капитал во полицијата, преку зголемување на платите, но и исплата на бонуси за остварени прекувремени часови работа.

Реконструирани се 55 објекти на МВР низ целата држава. Изградени се и два капитални објекти – ИКТ центарот во Прилеп, зграда за крим техника, а наскоро ќе се изгради новиот Центар за странци.

Постојано се вложува во набавка на возила, опрема и униформи за припадниците на полицијата. Сето тоа придонесува за унапредување на условите за работа на вработените во МВР.

Затоа, денес имаме мотивирана полиција која ефикасно и неселективно постапува по секое прекршување на законите.

Официјални податоци го потврдуваат успехот што полицијата го постигнува во овие години.

Споредбено со 2020 имаме сериозно зголемување на запленета дрога и наркотици.

Во првите три месеци во 2020 година била запленета дрога од 14,8 килограми, додека од први јануари до 15 април во оваа 2021 година, заплената на дрога изнесува над 800 килограми.

Преку редовни сообраќајни контроли и неселективниот пристап во санкционирањето, значително е намален бројот на сообраќајните незгоди, сообраќајни незгоди со повредени лица, незгоди со материјална штета и сообраќајни незгоди со загинати лица.

Македонската полиција денес, заедно со безбедносните служби на стратешките партнери спроведува сложени полициски акции за спречување на организиран криминал и корупција.

Почитувани граѓани,

Полицијата денес со своето неселективно, независно и професионално работење е вистински сервис на граѓаните, посветена на обезбедување на законите, мирот и безбедноста.

Почитувани припадници на полицијата,

Нека е среќен 7 мај – Денот на македонската полиција.