(ВИДЕО) Стамов : Обезбедено е присуство на две третини од вкупно 511 делегати за вонредниот партиски конгрес кој ќе се одржи на 28 март и оваа одлука е конечна, вели Борче Стамов, еден од членовите на Иницијативниот одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ

0
165

Обезбедено е присуство на 2/3 од делегатите, од вкупно 511 за вонредниот конгрес кој ќе се одржи на 28 март и оваа одлука е конечна и усвоена, изјави Борче Стамов, еден од членовите на Иницијативниот одбор за свикување на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека со самиот факт што на иницијативата поддршка дале толкав број членови, конгресот е легитимен, во согласност со партискиот статут и ако делегатите изгласаат недоверба на Мицкоски, тој ќе треба да си замине.

„Не знам зошто Мицкоски се плаши од најавата за вонреден конгрес, сосема легитимно е по бројните изборни порази да поднесе отчет пред членството, пред тие исти делегати коишто го избраа во 2017 година. Во статутот нема никаква пречка за негово одржување, а впрочем и самиот Мицкоски беше избран на вонреден конгрес. Очигледно се исплашија од нашата иницијатива и веднаш најавија дека конгрес ќе има во ноември, редовниот што треба да се одржи. Ние сме на ставот дека е доцна за конгрес во ноември и дека внатре партиските работи треба да си ги средиме пред локалните избори, зашто ако не го обединиме членство и не кренеме во реформи, немаме шанси за добар изборен резулта“, рече Стамов.

Стамов не беше прецизен дали меѓу делегатите има од раководството блиско до Мицкоски, но рече дека постои сериозно незадоволство во партијата и од нив, па ги повика сите кои сметаат дека треба да се гласа довереба на лидерот, да дојдат на конгресот.

„Не е тајна дека внатре во партијата има незадоволство и фрустрации. Мицкоски вели дека победил на последните избори, но сепак реалноста е друга. Не може да го држите членството во неизвесност со изборни порази и да очекувате поддршка. Демократски и фер е тој самиот да биде самокритичен, да ја погледне вистината какава што е. Ќе му се заблагодариме што ја водел партијата во исклучително тежок период и ќе избереме нов лидер“, вели Стамов.

Како што објасни тој, главната задача на овој партиски настан ќе биде да се дебатира за сработеното на Мицкоски и гласање дали да остане или не на функцијата. Паралелно ќе има оглас и за избор на нов лидер на кој може да се пријават членовите кои имаат програма, визија и капацитет да го обединат членството на ВМРО-ДПМНЕ кое со години е раздвоено на „за“ и „против“ оваа раководство. Очекува Мицкоски да ги прифати одлуките од конгресот бидејќи, како што рече, не е добар чекор, една партија по судски пат да се докажува дали треба да си го смени лидерот.