(ВИДЕО) СДСМ Прилеп: Советот на општина Прилеп да издвои 1 милион денари од општинскиот буџет, како еднократна награда за фудбалерите и стручниот штаб на ФК „Победа“

0
1579

prilep sdsmСоветничката група на СДСМ и коалициските партнери бара Советот на општина Прилеп да издвои 1 милион денари од општинскиот буџет, како еднократна награда за фудбалерите и стручниот штаб на ФК „Победа“.

– Фудбалерите и стручниот штаб на ФК „Победа“ ја вратија фудбалската гордост на прилепчани со пласманот во првата фудбалска лига на Република Македонија! Ваквиот успех мора да биде награден! Бараме овие средства да бидат трансферирани пред почетокот на фудбалската сезона. Ваквото барање го поднесовме на претходната седница на Совет, коешто претседателот на Совет експресно го одби, а предлогот не го стави на дневен ред – изјави Илија Јованоски, координатор на Советничка група на СДСМ во Совет на општина Прилеп.

Денеска повторно побарале истата точка да се стави на дневниот ред на денешната седница, што било одбиено.

– Претседателот на Совет не го почитува законот и деловникот за работа, го наметнува своето самоволие, поради што ја напуштивме денешната седницата.  Со цел да покажеме дека СДСМ нема намера да прави политички поени, предложивме предлогот за награда на фудбалерите на Победа да биде иницијатива на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, којашто ние безрезервно ќе ја поддржиме.
Но, власта нема слух и волја, ниту за еден ваков искрен предлог! Општина Прилеп и градоначалникот Ристески имаат пари за скапи службени ручеци по прилепските ресторани и кафеани, а немаат за фудбалерите на ФК „Победа“ – рече Јованоски.

Тој потсети дека Советот на општина Прилеп издвоил 25 милиони денари за покривање загуби и несовесно и нестручно работење на јавните комунални претпријатија од градот.

– Забораваат дека овие фудбалери, после долги години го вратија фудбалот во најфудбалскиот град и ја вратија публиката на трибините. Затоа, и покрај противењето на ВМРО-ДПМНЕ, на секоја наредна седница на Совет ќе го поставуваме предлогот на дневен ред, сѐ додека фудбалерите на Победа не ја добијат скромната награда во висина од 1 милион денари. Ваквата финансиска благодарност е премалку, за се што оваа генерација фудбалери направи за нашиот град – додаде Јованоски.