Изјава за медиуми на Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ:
Денеска до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесовме Кривична пријава против Никола Груевски, Миле Јанакиески, Коце Трајановски и други лица кои се директно инволвирани во криминални и коруптивни дејства, во врска со парцелите на Водно.
[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=glnVnMwAOR4[/youtube]
Кривичните дела за коишто е поднесена приjавата се злосторничко здружување, перење пари и злоупотреба на службена положба и овластување.
Како доказен материјал кон Кривичната пријава, покрај аудио снимките презентирани во јавноста, доставуваме и детална документација. Од документацијата произлегува дека Груевски и неговите соработници смислено ги откупиле парцелите, по драстично пониски цени од пазарните. Потоа по налог на самиот Груевски се прават измени на Генералниот урбанистички план и Деталниот урбанистички план.
Со сите преземени дејствија, Груевски и соработниците се стекнале со противправна имотна корист од 17.000.000 евра.
За купувањето на овие парцели, се користени пари што потекнуваат од извршени казниви дела. За трансферот на овие средства се користени странски правни лица основани во земји каде што е дозволиво основачите да се анонимни за јавноста, а кои во Република Македонија основале трговски друштва со висок основачки капитал во кеш.
Јавните обвинители се должни да постапат по Устав и закон. Тие се должни се како доказ во постапката да ги искористат јавно презентираните снимки, за што постои и пракса на европскиот суд во Стразбур, на којашто е укажано во пријавата.
Одговори на новинарски прашања
Медиуми: Господине Манчевски завршија средбите во Брисел помеѓу делегациите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Што се разговарало на средбата, можеби приближување на ставовите по однос на надминување на политичката криза?
Манчевски: За разлика од медиумските мегафони на ВМРО-ДПМНЕ коишто лажно ја информираат јавноста, ние ќе останеме принципиелно на постигнатиот договор од Брисел. А тоа е во оваа фаза кога е прерано било што да се коментира да не наштетуваме на разговорите коишто се одвиваат.
Медиуми: Дали може да ни кажете а да не откривате детали?
Манчевски: За сето она што евентуално ќе се разговара ќе се изнесуваат соопштенија преку канцеларијата на Европската комисија во Брисел.
Медиуми: Дали можеби е договорена наредна средба и каде би се одржала?
Манчевски: Наредни средби секако ќе има детали сеуште немаме.
Медиуми: Европската комисија го одби предлогот нели да испрати меѓународни експерти за барањето на Јавното обвинителство. Како го коментирате тоа?
Манчевски: Повторно ќе се повикам на нашиот принципиелен договор, дека во оваа фаза нема да коментираме ништо од преговорите, со цел да не му наштетиме на процесот, така што, ќе дозволите овој пат да немаме коментар на таа тема.