(ВИДЕО) СДСМ Битола: Зонското паркирање се уште еден од најгорливите проблеми на битолчани

0
305

Соопштение на СДСМ Битола:

„Зонското паркирање во Битола е еден од најгорливите проблеми на граѓаните и мора да биде решен.

По иницијатива на СДСМ и коалицијата, на денешната комисија за јавни и комунални дејности поставено е барањето за раскинување на Договорот за Јавно приватно партнерство склучен помеѓу Општина Битола и Стентон Градба ДОО Битола- ДПН Градски паркинзи.

Барањето е поради непочитување на обврските од договорот за зонско паркирање, што е на штета на граѓаните.

Ова наше барање ќе биде поставено и како точка на дневен ред на седница на Советот на општина Битола.

Од страна на приватниот партнер, Градски паркинзи, во изминатиот период од 3,5 години, колку што стопанисува со паркинзите имаме сериозни индиции дека се направени повеќе прекршувања на Договорот, техничката документација, како и на правилникот за работа.

Јавното претпријатие Градски Паркинзи Битола имаа доволно време, речиси 4 години за да ги исполнат сите услови предвидени со договорот.

Бидејќи тоа се уште не е направено, ние советниците од опозицијата ја поднесуваме оваа иницијатива и сметаме дека е најповолен момент да им се одземе концесијата за јавно приватно партнерство.

Очекуваме дека оваа иницијатива за одземање на концесијата ќе биде поддржана од страна на владејачкото мнозинство во интерес на граѓаните“, изјави советникот во Општина Битола од редовите на СДСМ, Горан Козаров.