(ВИДЕО) Погледнете ја целата прес конференција на Зоран Заев: Објавувам план за излез од кризата, нашиот мотив е Македонија!

0
1474

Zoran Zaev, 07.06.2016Интегрален текст од денешната прес конференција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Над Македонија се раѓа новото сонце на слободата!

Два месеци неуморно чекориме заедно. Гордо и достоинствено, бараме правда, се бориме за слобода, за демократија во Македонија.

Рековме, срамните, неуставни аболоции мора целосно да се поништат. Тоа се случи.

Рековме, има Уставен и законски основ за свикување на Парламентот. Тоа се докажа.

Рековме дека нема да има криминални избори на 5-ти јуни. И тоа се случи.

Зборот е збор.

Правда ќе има, законите ќе важат за сите подеднакаво.

Со исполнување на двата клучни предуслови што ги постави СДСМ и опозицијата се отвора простор за надминување на кризата.

Денеска, го објавувам планот за излез од кризата.

Планот содржи два клучни чекори што мора да се исполнат до 18-ти јуни.

1.Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство!

Правдата и борбата против криминалот и корупцијата се уставни категории и не смеат веќе да бидат под било каква закана. За правда не преговараме.

2.Сите приведени граѓани коишто протестираа треба да бидат ослободени и да запре прогонот врз демонстрантите!

Само ако се исполнат овие два чекори, договорот од Пржино може да преживее.

За излез од длабоката политичка криза итно е потребно да се обезбеди владеењето на правото и исполнување на сите услови за слободни фер, демократски и кредибилни избори.

– Формирање на Влада којашто ќе создаде услови и ќе спроведе слободни, фер, демократски и кредибилни избори.
– Прочистување на избирачкиот список.
– Реформи во медиумите.

Барањата на граѓаните коишто секојдневно протестираат целосно ги поддржуваме.

Почитувани граѓани,

Се што има почеток има и крај.

Во Македонија, времето на страв и злоупотреби заврши. Улиците низ Македонија во последните 58 дена тоа го покажаа.

Време е за враќање на правдата, слободата и демократијата.

Време е за враќање на власта во рацете на граѓаните.

Време е за промени.

Ние имаме мотив, се вика Македонија.“