(ВИДЕО) Петров : За СДСМ здравјето на граѓаните е приоритет и ќе води безбедна кампања, додека ВМРО-ДПМНЕ свесно го загрозува

0
315
Прес-конференција, Коста Петров, потпретседател на СДСМ.

Добар ден на сите,

Пандемијата со коронавирусот комплетно ги промени нашите животи. Живееме во една нова нормалност. Нормалност во која носењето маски, држењето дистанца и редовна дезинфекција е нашата нова реалност но и нашето најголемо оружје за борбата против овој непријател.
Граѓаните, компаниите, светот, се адаптираат на овие нови времиња. Политиката и политичарите треба и мора да го направи истото.
Во СДСМ, здравјето на граѓаните е пред се и токму поради тоа сите наши партиски активности ги прилагодивме на новите околности со една јасна цел – да го заштитиме јавното здравје но и да покажеме како навистина треба да изгледа политиката во овие нови времиња.
Од утре започнува кампањата за парламентарните избори. Свесни сме дека оваа кампања ќе биде поинаква но во исто време  знаеме и дека токму оваа кампања е можност за СДСМ, но и за сите политичари во нашата земја да покажат вистинска грижа но и да бидат пример за сите граѓани.
Во СДСМ подготвивме здравствени протоколи кои ќе гарантираат безбедна кампања и ќе го заштитат здравјето на граѓаните. Според нашите протоколи, групирањето е забрането, а бројот на присутни на јавни настани и средби ќе биде со строга контрола, со најмногу 50 лица на јавна локација и 30 во затворен простор, со задолжителна физичка дистанца. Сите присутни на јавен настан или состанок организиран од СДСМ мора да носат заштитна маска и да одржуваат растојание од 2 метри.
Разликата почитувани е очигледна, СДСМ нуди сигурна иднина и одговорна власт, додека ВМРО-ДПМНЕ со своето однесување е опасност по државата.
Ние се адаптираме на новите времиња. Тоа значи, фокус на здравјето на граѓаните, а нашата изборна понуда ќе им ја доближиме на сите преку онлајн, дигитални алатки и нови начини на комуникација.
СДСМ во целост ги почитува мерките, што не е случај со ВМРО-ДПМНЕ кое свесно и намерно ги прекршува.
Жално е што во вакви времиња на глобална пандемија, опозициската ДПМНЕ не само што започна предвремена кампања туку и организира јавни собири на кои не се држи дистанца и не се носат заштитни маски.
Ние, од СДСМ, правиме се за да го заштитиме јавното здравје, а од друга страна ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го загрозуваат.
Разочарувачки е да се види како партијата која навидум, ја ставаше грижата на граѓаните пред се, организира партиски собир во Лисиче во која и самиот Мицковски ги прекрши сите правила за јавни собири. Собир во кој имаше физички поздравувања, и на кој не се држеше дистанца.
Да не заборавиме и на фактот дека Мицкоски посетуваше теретани во време кога тоа беше забрането. Седеше во дел во ресторан кој не смеел да работи. Да не заборавиме и дека неговиот сопартиец, министерот за внатрешни работи, со неговите изјави поттикнува прекршување на мерките и забраните.
Додека СДСМ се грижи за сите, ВМРО-ДПМНЕ се грижи само за себе.
Токму поради ова, упатувам апел, до сите политички партии, особено до опозициската ВМРО – ајде сите да покажеме свесност. Покажете дека здравјето на граѓаните е навистина пред се. Ајде сите да бидеме пример за граѓаните, за општеството. Ве замолувам, немој да ги кршите протоколите. Не дозволувајте групирања. Почитувајте ги мерките за заштита. Бидете пример за граѓаните.
Не е доволно само да се зборува за грижата за здравјето за граѓаните. Тоа треба и мора да се покаже. Всушност како и се во политиката. Не е доволно само да се зборува и контрира, туку одговорност на сите нас е да нудиме решенија за доброто на сите граѓани.
Почитувани граѓани, СДСМ е со вас во овие тешки времиња. Ќе се адаптираме сите на новата реалност. Заеднички ќе ја пребродиме оваа криза и заеднички, сите ние ќе излеземе од оваа криза како победници.
Знам дека тоа го можеме!
Ви благодарам.