(ВИДЕО) Николовски: Потврдени се злоупотребите на парите од „јапонската помош“ и фирмите на Ѕинго во скандалот

0
261

„Додека актуелниот министер Цветков и аболицираниот министер Димовски молчат за скандалот со злоупотребите на парите од „јапонската помош“, ВМРО-ДПМНЕ потврди се’.

Oчекувам одговорност за огромните злоупотреби на парите на штета на вистинските земјоделци! Секој што го прекришл законот мора да одговара“, рече Љупчо Николовски, дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, во оставка.

„Цветков е должен пред граѓаните, земјоделците, пред целата јавност, да одговори на клучните прашања за кои се уште нема одговор:

Како може без покритие од сметка на министерството, што е наменета за прибирање на странска помош за развој на земјоделието, некој да си повлече стотици илјади евра без покритие?

Врз која основа се повлечени овие средства?

Во чии џебови завршиле стотици илјади евра?

На ваков криминален начин во контитнуитет се раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од страна на кадрите на Љубисав Иванов Ѕинго. За жал, на штета на вистинските земјоделци.

Скандалот со злоупотреба на парите од проектот „Јапонска помош“ не завршува со повлекувањето на стотици илјади евра од фирмата „Фактор консалтинг“.

Корисник на Јапонска помош е и „ЗЕМСИЛ“, фирма керка на Силекс, којашто има добиено земјоделска механизација.

Преку министерството раководено од кадрите на Ѕинго им се доделуваат средства на фирмите на Ѕинго!

Иако според овој преглед на должниците изработен токму од Комисијата на МЗШВ, изработен заклучно со 15.01.2016 година „Земсил“ ги нема подмирено обврските кон фондот сепак оваа фирма на Ѕинго редовно си добива десетици илјади евра субвенции кои се исплаќаат преку платежната агенција.

Земсил РИК Силекс Кратово во 2014 на име субвенции добива 2.764.597 денари или околу 45.000 евра, иако според прегедот на комисијата е се уште должник кон фондот.

Од друга страна, на многу земјоделци во 2014 година  им се укинаа субвенциите поради тоа што ја немаа подмирено обврската кон јапонската помош и добија такви решенија од платежната агенција.

Еве, ова Решение е доказ како на земјоделците им се укинуваат субвенциите поради долг кон програмата за Јапонска помош.

Овој доказ во целост го демантираат тврдењата дека наводно било овозможено компензација односно пребивање на долговите.

Не. Ова е потврда дека вистинските земјоделци се оштетени за пари да добијат фирми на власта.

Поради ваквиот криминален начин на работа вистинските земјоделци не можат да бидат корисници на „Јапонска помош“ и не можат редовно да добиваат субвенции.

Затоа, од 2009-та година нема огласи за користење средства преку фондот на Јапонската Влада со што се попречува отворање на нови извори на финанситање за земјоделците.

Доаѓа времето кога секој ќе одговара за сторените злодела и криминал. Доаѓа слободна и демократска Македонија во којашто законите ќе важат за секого подеднакво.

Одговорност за направениот криминал на штета на земјоделците мора да има и ќе има!

Уште еднаш барам Владата веднаш да издвои средства за покривање на загубите во овој фонд а со тоа и овозможување накористење на овие неповратни средства за земјоделците“, изјави Николовски.