(ВИДЕО) НА ДЕЧКИВЕ ОД ,,ЈАВЕН ПРОСТОР” ДА ИМ СЕ ИЗГРАДИ СПОМЕНИК ОД ДЕСЕТ МЕТРА СО ПЕХАР НАПРАВЕН ОД 25 КАРАТНО ЗЛАТО ПОРАДИ ОЖИВУВАЊЕ НА ПРИЛЕП!!!

0
1085

Со вечерашниот настап на прилепскиот бенд „The Hounds“, кој со концерт во
Старата прилепска чаршија ќе го прослави својот 10-ти роденден, ќе продолжи
листата на планирани настани за месец август на „Јавен Простор Прилеп“.

„Јавен Простор Прилеп“ е проект на здружението „Инфо Фронт Прилеп“, кое има за
цел да го оживее централното градско јадро преку претставување и креирање на
идејата дека јавниот простор треба да биде заедничко културно, рекреативно и
социјално добро на сите граѓани.

„Јавен Простор Прилеп навистина се роди во прилепската чаршија на едно кафе
дружење. Правевме муабет за случувањата во градот и дојдовме до заклучок дека
во нашиот град има премалку случувања, па решивме да направиме еден проект. Во
тоа време Општина Прилеп имаше распишано повик за додоелување на грантови,
аплициравме и го добивме грантот. Навистина им благодариме на Општина Прилеп
што ја разбраа идејата и што ни го одобрија проектот. Го одбравме јавниот простор
бидејќи сметавме дека градот има потреба од градење на нова публика, нови
навики, а токму за тоа се потребни јавните минувачи“, вели Звонко Димоски од
„Инфо Фронт Прилеп“.

Како организатори, од здружението „Инфо Фронт Прилеп“ велат дека се
презадоволни од посетеноста и од коментарите кои ги надминале нивните
очекувања.

„Од старт знаев дека овој проект ќе биде успешен. Интересот апсолутно ги надмина
сите наши очекувања, а потврда за тоа е масовната посетеност на концертите,
игранките, работилниците за деца, велосипедските тури надвор од градот,
посетеноста на нашата фејсбук страна javenprostorprilep. Постовите и видеата ги
отвараат по 5.000 посетители, што е навистина задоволително, затоа што оваа
иницијатива трае само неколку недели“, вели Димоски.

Синоќа, прилепчани имаа можност да уживаат во одличниот настап на групата
Фолтин. На 18-ти август следува четвртиот и последен „Креативен Прилепски
Пазар“, 19-ти август е резервиран за латино забава кај Градскиот Саат, а на 23
август, во соработка со ЦК „Марко Цепенков“ и Прилепското културно лето, 5 поети
од годинешните „Струшки вечери на поезијата“ ќе имаат свој перформанс во
Старата прилепска чаршија, кај Градскиот саат. Последните денови од тековниот
месец, 29, 30 и 31 август, се испланирани за креативни работилници и дискусии.

Организаторите посочуваат дека „ЈАВЕН ПРОСТОР ПРИЛЕП“ ќе трае до средината
на месец септември.