Отпуштените војници од АРМ денеска протестираа пред Министерството за одбрана за да издејствуваат враќање во редовите на Армијата, а доколку не им се реши статусот, најавуваат дека ќе постават шатори пред министерството, пренесува 24 Вести.
Тие беа отпуштени според стариот закон за служба во АРМ, кој предвидуваше војниците да можат да работат во армијата само до 38-мата година од животот. Но, во меѓувреме беше сменет законот и сега војниците можат да работат во АРМ додека наполнат 45 години. Околу 45 професионални војници сега се на улица, иако во исто време се вработуваат нови војници.
„Наместо нас тие вработија други кои по ниту еден основ не заслужуваат да бидат вработени. Доколку има потреба ќе доаѓаме тука секој ден со нашите семејства или ќе поставиме шатори и ќе кампуваме се додека не се реши нашето прашање,“ вели Марјанчо Гурбански, координатор на отпуштените војници.
По денешниот протест, војниците беа примени од министерот за одбрана Зоран Јолески, кој, како што велат тие, им ветил дека нивното барање ќе биде сериозно разгледано, а ќе биде проследено и до премиерот Никола Груевски. Војниците велат дека ќе почекаат за да го чујат одговорот од премиерот, а доколку повторно бидат изманипулитрани, ќе ги постават шаторите пред министерството затоа што веќе не можат да издржат.
„За една година како невработен, ми се создаде долг некаде над 2.000 евра. Како се издржува, тоа сами може да видите. Затоа и денеска сме во помал број затоа што колегите немаат пари за да доаѓаат на сите собирања,“ изјави Рубин Николовски, еден од отпуштените војници.
Војниците се разочарани затоа што, како што велат, надлежните само ги лажат дека ќе се најде решение, но тоа никако да дојде.