(ВИДЕО) НАШИОТ ПРЕМИЕР ВЧЕРА БЕШЕ ГЛАВНА SВЕЗДА ВО ГЕРМАНИЈА – ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ЈА ПРИМИ МЕЃУНАРОДНАТА НАГРАДА ЗА МИР ВО ВЕСТФАЛИЈА : НАГРАДАТА Е ПРИЗНАНИЕ, НО И ОБВРСКА ЗА СИТЕ НАШИ ИДНИ ПОЛИТИЧКИ ОДЛУКИ ДА БИДАТ ПОСВЕТЕНИ НА ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ И МИРОТ

0
481

„Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес. Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси. Тоа пријателство беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение“, нагласи Заев на церемонијата што ја пренесуваше германската државна телевизија на Северна Рајна – Вестфалија.

Претседателот на Владата Заев дополни дека заедно со тогашниот негов колега Ципрас избрале да најдат решение без одложување.

„И јас и Алексис сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик. Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот. Избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества и дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно“, потенцираше Заев.

Премиерот Заев пред високите гости на церемонијата истакна дека оваа година Северна Македонија слави 30 години од својата независност и дека оваа значајна годишнина се совпаѓа со членството во НАТО како триесеттата  земја членка.

„Тоа беше можно поради Договорот од Преспа. Почестен сум и што имав можност да го исполнам сонот на многу генерации граѓани на Северна Македонија. Членството во НАТО беше остварување на нашата стратешка цел и е меѓу нашите најголеми достигнувања во надворешната политика. Членството во НАТО е одраз на нашиот суверен избор и сведоштво за нашата силна политичка и општествена цел да бидеме целосно интегрирани во евроатлантското семејство на нации“, рече Заев на свеченоста по повод доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија.

Заев додаде дека денес Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста и на регионот, и нагласи дека земјата е посветена на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економска корист и просперитет на сите граѓани.

„Нашата втора стратешка цел е полноправно членство во Европската унија. Ние веруваме дека за Северна Македонија не постои алтернатива за интеграција во ЕУ и ние сме се уште сме на пат кон ЕУ“, рече премиерот Заев.

Заблагодарувајќи се уште еднаш за одлуката да му биде доделена Меѓународната награда за мир на Вестфалија, премиерот Заев истакна дека наградата е признание, но и обврска за сите наши идни политички одлуки да бидат посветени на европските вредности и мир што немаат алтернатива.

Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас во своето обраќање истакна дека Меѓународната награда за мир на Вестфалија што оваа година ја дели со премиерот Заев е награда за граѓаните на двете земји кои сега соработуваат и заеднички инвестираат во иднината на двете земји и во иднината на регионот.

Ципрас додаде дека Брисел има обврска и мора да го поддржи Договорот од Преспа целосно и да ги испорача ветувањата како што Северна Македонија ги испорача сите свои обврски поврзани со процесот за интеграцијата во ЕУ.

На свечената церемонија за врачување на Меѓународната награда за мир на Вестфалија во Мунстер, претседателот на Економското друштво на Вестфалија Липе д-р Рајнхард Цинкман, градоначалникот на Мунстер Маркус Леве и претседателот на Латвија Егилс Левиц во име на претходните добитници на наградата, земјите Латвија, Естонија и Литванија, истакнаа дека Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа нешто што никој претходно не успеа и со историскиот Договор од Преспа надминаа долгогодишна криза и поставија основи за долгорочни пријателски врски меѓу двете земји и сигурност во регионот.