(ВИДЕО) Наумов ги разобличи Груевски и ДЗС, чаирчани изненадени колку фантомци нашле

0
281

„Моите родители се починати од 2012 година, а се уште ги има во Избирачкиот список“. Ова беше еден од случаите за фантомски гласачи што ги слушнаа Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ и дополнителен заменик министер за финансии и Едмонд Адеми, член на Извршниот одбор на СДСМ, кои синоќа беа на средби со жителите на Чаир, соопштуваат од СДСМ.

Граѓаните на Чаир се соочуваат со истите проблеми како граѓаните во сите други делови на Скопје и Македонија: тешко излегуваат на крај со егзистенцијата, многумина од нив се невработени. Но актуелна тема за сите, во овој момент се фантомските гласачи во Избирачкиот список. Впечатливо е нивното изненадување колку неправилности самите нашле во списокот.

-Токму ваквите илјадници фантомски гласачи кои секојдневно се разоткриваат и милионите евра пари на граѓаните што власта на Груевски ги истура на медиумите под контрола за да ја фингира реалноста се само некои од многуте докази дека актуелната 10 годишна власт на криминални избори ја крадела слободната волја на граѓаните. Затоа Уставниот суд се обидува да го штити грбот на криминалната група којашто владее на нечесен начин, бидејки оваа институција е исто така узурпирана од нив. Но бидете сигурни, од правдата нема да избегаат, во Македонија мора да има фер избори со чист Избирачки список и слободни медиуми, а `се што земале од граѓаните ќе мора да вратат, рече Наумов.

Луѓето реагираат околу информациите за невработеноста. Велат – тие се мачат со невработеност, гледаат соседи, пријатели невработени, дека со истиот проблем се соочуваат нивни блиски од соседството, познаници од општината, а на телевизија друго се кажува.

-Тоа е доказ дека е неопходна медиумска регулација, за граѓаните да можат да бидат објективно информирани, какво што право имаат по закон. Мораме да ги ослободиме институциите да почнат да работат во интерес на граѓаните, а не да ја правдаат и штитат власта. Имате право за манипулациите со податоците за невработеноста што ги пласираат преку Државниот завод за статистика. Ако навистина се намалила невработеноста, тогаш дупката во Пензискиот фонд требаше да се намалува, а не да го достигне историски највисокото ниво од 369 милиони евра, за што алармираше и Светска банка во својот последен извештај, рече Наумов.

Наумов објасни дека граѓаните и државата економски ќе зајакнат преку големата државна помош што ќе ја даде новата одговорна Влада на домашните претпријатија, којашто на фер избори ќе добие чест да ја предводи СДСМ.

-Со вистинската грижа за домашните претпријатија ќе обезбедиме реален економски раст, реални вработувања за младите и сигурни пензии за постарите. А ќе обезбедиме и услови за реални странски инвестиции, порача Кире Наумов при синоќешната посета на претставниците на СДСМ во скопската општина Чаир.