Министерството за внатрешни работи цени дека влегувањето на припадниците на обезбедувањето на екс-премиерот Груевски, во просториите на ТВ21 не претставува никакво прекршување на законот. Дури, од МВР писмено го демантираат целиот инцидент, односно дека полицајци во цивилка, влегле во просториите на тв21 и му се заканувале на новинар. Според исказот на обезбедувањето на Груевски, настанот не се случил во ТВ21, туку во угостителски објект.
„Како што можете да видите, на вратата пишува јасно дека влезот е само за вработените. Токму овде, вчера, неколку припадници на МВР, без дозвола на телевизијата влегоа и му ги одземаа материјалите кои нашиот новинар кои ги сними на улица „Македонија“. Можете да видите дека тука стои логото на ТВ21, и целиот овој простор е приватната сопственост на телевизијата“, велат од телевизијата.
Но, за МВР, членовите на обезбедувањето вчера постапиле согласно планот и нивните задачи. Оттаму велат дека доколку има било каква преставка против нив, Одделот за внатрешна контрола ќе постапува по истата. Исто така во соопштението на МВР се вели дека полицајците легитимирале еден граѓанин кој без да се идентификува започнал да снима, што секако не е точно, бидејќи новинарот приложил службена прес легитимација. МВР потврдува дека полицајци во цивилка му ги избришале материјалите на новинарот, кој во демантот од министерството го квалификуваат како обичен граѓанин.
Редакцијата на ТВ21 ќе продолжи да бара официјално објаснување од МВР, односно со каков налог и дозвола обезбедувањето на Груевски, влегло во просториите на ТВ21. Сметаме дека овој акт, претставува сериозна интервенција во независната работа на медиумот и обид за заплашување на слободата на говорот и медиумите.
Извор: ТВ21