(ВИДЕО) Македонија ѝ врачи протестна нота на Бугарија поради изјавите на евро пратеникот Џамбаски

0
213

Министерството за надворешни работи на Македонија до Министерството за надворешни работи на Бугарија упати протестна нота во врска со видеото на пратеникот во Европскиот парламент од Бугарија и заменик-претседател на политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење, Ангел Џамбаски.

„Ќе ги известиме и соодветно ќе реагираме и до институциите во Европската унија. Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, стои во реакцијата на македонското МНР.

Џамбаски во видеото објавено на Фејсбук ги промовираше големобугарските сонови поткрепени од Санстефанскиот договор. Вели дека ние сме само „времени управители“ во Македонија. Според него, не може да се живее во 21 век, без да се признае 20-от век.

„Колку повеќе лажете толку повеќе вистината ќе сјае. Колку похистерично ја мразите Софија, толку побугарски ви станува Охрид. Колку посилно ги кажувате вашите лаги, толку побрз и поужасен ќе биде вашиот крај“, вели Џамбаски. Tој тврди дека Македонија е бугарска. Во спорот вели дека според него колку повеќе лажеме, толку повеќе вистината ќе излегува на виделина. Откако неколкупати повтори дека Македонија е бугарска, му се обрати директно на Заев со истата порака и со додавката – колку и да се вртиш, Албанија ти е на запад.

Иако неодамна имаше реакции во Европскиот парпаламент за провокациите на Бугарија кон Македонија, сепак овој спот е доказ дека провокациите не запираат.