(ВИДЕО) КАНДИДАТОТ НА НЕЗАВИСНАТА КАНДИДАТУРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК ЗА ПРИЛЕП АДВОКАТОТ ЖАРКО СТЕВАНОСКИ УТРОВО ЈА ЗАПОЧНА КАМПАЊАТА СО СВОЕ ОБРАЌАЊЕ ДО ПРИЛЕПЧАНИ

0
213

Почитувани сограѓани, јас сум Жарко Стеваноски, независен кандидат за градоначалник на Општина Прилеп.

Во 2004 година дипломирав на правниот факултет при УКИМ во Скопје и се вратив да живеам и работам тука. Преку мојата адвокатска професија и граѓанскиот активизам имав можност да ги лоцирам сите аномалии на локалните власти. Низ годините во кои тие се менуваа, полека но сигурно Прилеп ги губеше сите важни атрибути по кои беше претпознатлив во државата а кои придонесуваа градот да пулсира со живот на секое поле. Убеден сум дека ќе се согласите со мене дека на Прилеп му недостига свежина и континуитет во културното живеење. Недостига социјализација и поттик на натпреварувачкиот дух кај младите за спорт, за наука.

Недостига перспективата од која порано гледавме можности за личен и колективен развој. Недостига ред во урбанистичкото планирање, дициплина во комуналното уредување, професионализам и ефикасност во административното работење. Целосно отсуствува домаќинско трошење на парите на граѓаните. Транспарентност на работата на Советот на Општина Прилеп, таму целосно отсуствува дебата и спротивставување на ставови меѓу советничките групи, нам ни фали јасно и гласно да чуеме кој за што се залага и се бори во тој совет.

Најмногу од се на Прилеп му недостига чесност на носителите на јавни функции, чесност која ќе ја потврдуваат пред граѓаните секој ден низ својата работа. Со промена на власта во 2017 година Буџетскиот дефицит на општина Прилеп изнесуваше преку 2 милиони денари, сега после 4 години од промена на локалната власт буџетскиот дефицит изнесува 21 милион денари. Зборуваме за четири годишен основен буџет на општината од преку 80 милиони евра а ние како Општина со популација од околу 65 илјади жители го имаме ова што го гледаме, едно големо ништо.

Нашата граѓанска иницијатива „ЧЕ ВРЕДИ“,има можност и знае како да Ви овозможи една сосема поинаква реалност која во никој случај нема да биде поразлична од нормалноста во која живее остатокот од граѓаните на европските држави. Преку низа приоритетни проекти од областите под надлежност на локалната самоуправа можеме да обезбедиме Општината да прерасне во центар во кој ефикасно, брзо и професионално ќе се решаваат проблемите на граѓаните, со воведување на единствен електронски систем за прием и следење на предметите на граѓаните преку кој секој барател ќе има можност да ја следи работата врз предметот на интерес и лично ќе се увери во ефикасноста на административниот работник во решавање на проблемот.

На таков начин општинската администрација ќе се воведе во неколку месечен процес на професионална селекција која ќе ги раздвои професионалните од непрофесионални кадри. Ќе воведеме сосема нов пристап во начинот на распределба на јавниот колач преку постапките за јавни набавки, со тоа што ќе ја елиминираме досегашната пракса економските оператори да се делат на подобни и неподобно во зависност од нивната партиска наклонетост и големина.

Главен двигател на локалната економија не се само големо стопанствениците и затоа Општината ќе биде иницијатор на едукативни работилници преку кои на сите стопански субјекти без исклучоци, ќе им ја наметне опшествената одговорност за споделување на јавниот колач во интерес на сеопфатен развој на локалната економија. Ќе понудиме сосема нова методологија на работа во јавните претпријатија кои во обавување на комуналните дејности ќе имаат 24 часовна активност пролагодена на животниот ритам на граѓаните. Ми претставува особена чест што ќе имам можност во текот на изборната кампања преку конкретни проекти на Прилеп и Прилепчани да им ја презентирам својата визија за градење на еден сосема нормален урбан град со среќни жители.

Верувам дека Прилеп созреа повеќе од доволно за да го препознае и да го направи вистинскиот избор кој овој пат нема да го поврзува со политичка партија ами со личности кои навистина ЧЕ ВРЕДАТ.

Основите од кои треба да се започне:

1. Пренос на седниците на Советот во живо за да видиме кои сме, што сме и колку вредиме.

2. Систем за следење на предметите и професионална селекција на општинската администрација, за да видиме на кој му се работи а на кој не.

3. Поттикнување на локалната економија преку споделување на јавниот колач – без привилегии во јавните набавки.

4. Нова методологија во работата на јавните претпријатија, за дисциплина во извршување на нивните дејности.

5. Нормалност во која живеат остатокот од граѓаните на европските држави.

Фејсбук статус на кандидатот за градоначалник на Прилеп на граѓанската иницијатива ,,ЧЕ ВРЕДИ”, адвокат Жарко Стеваноски.