(ВИДЕО) ЗАЕВ ТРИУМФАЛИСТИЧКИ ОД БИХАЧКА: УСПЕАВМЕ, МАФИЈАТА Е ПОРАЗЕНА, ДОЈДЕ ВРЕМЕ ЗА ЌОРКА!

0
412

Почитувани граѓани, 

Успеавме! 

Ставивме уште еден темел на неселективната правда и на правосудство кое гарантира одговорност и казнивост за секој којшто го прекршил законот.

Правда и борба против криминалот и корупцијата – за тоа се заложивме, тоа бараат македонските граѓани, за тоа се изборија 2/3 од пратениците во Собранието.

Презедовме чекори кон силна и способна правна држава, доаѓа правда! 

Им честитам на сите 80 пратеници, кои презедоа одговорност, го препознаа овој момент како клучен за владеењето на правото и за нашата европска интеграција, ги победија притисоците и гласаа ЗА усвојување на Законот за јавно обвинителство.

Денес огромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, желбата за правда ја победи желбата за крадење пари. 

Со овој Закон, гарантирана е судска разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО. Сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки, за што основни индиции беа прислушуваните разговори, односно бомбите. 

Нема скриена амнестија за никого, ниту за стари ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе се соочи со одговорноста. Секој што допрва ќе го прекрши Законот ќе се соочи со одговорност. 

Со овој Закон се гарантира дека политичарите нема да можат да бираат и именуваат обвинители ниту да одлучуваат за иднината на предметите. Тефтерчињата со кои се рушеше правдата ќе останат да сведочат за едно време на неправда, време на заробена држава и криминална власт. Сега дојде друго време кога политичарите мора да бидат подалеку од правосудството. 

За жал, раководството на ВМРО-ДПМНЕ не се одважи и не гласаше за правна држава. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше ниту за европска иднина. Тие се единствените што се противеа на овој чекор кон правдата. Тоа јасно покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило. Белиот дворец преку раководството на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште е заложник на осудениот криминалецНикола Груевски. 

Извршителот Мицкоски направи се да го спречи носењето на овој закон, да ги исполни желбите на неговиот шеф и да одбрани криминал.

Не успеа! Не дозволивме да се загрози правдата, не дозволивме да се загрози европската иднина на земјата. 

Тие чекор назад, ние три чекори напред! Напред кон изградба на способна држава, држава по европски правила и стандарди. Овој чекор напред е јасен сигнал дека ние не запираме со реформите. Разумно, посветено и одговорно, праќаме јасна порака и силен аргумент колку ни е важна европската иднина на нашата земја, ние продолжуваме, но сега и Европската Унија е на потег. ЕУ мора да го види и препознае овој нов балкански потенцијал. Нашата земја е земја која своите обврски ги реализира, ги исполнува. 

Почитувани граѓани на ЕУ, почитувана Европска Комисијо, почитувани лидери на земјите членки на ЕУ, 

Ние нашите ветувања ги исполнивме, време е и ЕУ да го исполни своето ветување, одлука за почеток на преговорите.

Јас верувам дека Северна Македонија и Европската Унија се подготвени за следниот чекор. 

Почитувани граѓани, 

Реформата во судството мора да продолжи. 

Со крената глава стојам пред Вас и барам нов, чист мандат. Правосудството да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за чесните и професионалните непречено да можат да ги употребат системските решенија кои носат правда. 

Заедно ќе продолжиме напред со одлучни чекори за вистинска и неселективна правда. За европска перспектива, но и одговорност за сите кои го прекршиле законот! За напредок, развој и членство во НАТО и ЕУ! 

Ве повикувам сите, приклучете се во борбата за правда. Денешната победа нека биде мотив, заедно да постигнеме многу повеќе. Заедно да чекориме во изградбата на правната држава. 

Затоа, ве повикувам сите правдољубиви луѓе, утре – понеделник, во 18 часот, пред Собранието на Република Северна Македонија, да чекориме во име на правдата. Ве повикувам да се приклучите кон Маршот “Чекориме за правда”. Заедно да чекориме од местото каде се изгласа овој толку важен закон, од Собранието, до местото каде треба да ги видиме конечните правни разрешници – судот! 

Се гледаме утре во 18 часот пред Собранието, чекориме за правда!