Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска од Крушево го честита големиот државен празник, 2 август – Ден на Републиката, во свое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Обраќањето на лидерот на СДСМ го пренесуваме во целост:
Почитувани граѓани,
Веќе со години во Македонија е наметната една лажна привидна поделба на партизани и комити со цел едната партија да се поврзе со наследството на броците од првиот Илинден, а другата со востаниците од вториот Илинден.
Не постои таква поделба. Нема поголем доказ од фактот дека партизанските одреди ги носеа имињата на илинденските дејци Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Никола Карев.
Не постојат два различни идеала, две различни револуции. И во 1903 и за време на Народно ослободителната борба, и во минатото и денес, постоел и постои само еден идеал, слободна Македонија во којашто достоинствено ќе живеат сите нејзини граѓани.
Единствената поделба што е реална денес е на арамии и на ограбени од арамиите.
За среќа арамиите се малку и ќе бидат многу брзо поразени.
Републиката којашто е во пламен и опустошена од оваа мала фамилијарна банда повторно ќе ја изградиме согласно илинденските идеали.
Набргу ќе има и правда и правдина. И право и права. И просперитет и иднина. Идеалите се исти само оружјето е сменето. Некогаш нашите предци битката за слобода ја водеа со пушки со топови. Денес најмоќното оружје е гласот на граѓанинот. Го слушаме тој глас, кренат и бунтовен низ улиците веќе со месеци. Се крена народот против арамиите, а за подобар живот. Многу бргу тој глас ќе се преточи во гласачки ливчиња и во победа на илинденските идеали за слободна, демократска и просперитетна Македонија.
Оваа наша република нема веќе да е вилает на фамилијата на власт, туку ќе му припаѓа на граѓанинот на Р.Македонија.
Ако можеше Македонија многу пати да се крева од пепелта ќе се крене и денес.
Дали сме ги исполниле соништата на борците од сите илиндени, на нашите знајни и незнајни јунаци, денес се мери според квалитетот на животот.
Ако знаеме дека платата во Македонија е најниска од целиот Балкан, а невработеноста највисока, тогаш треба да се исправиме пред вистината и да кажеме дека ваква Македонија не е татковината за којашто мечтаеле илинденците, ниту за ваква Македонија мечтаат новите генерации.
Затоа нам ни треба нов четврти Илинден во којшто ќе се обединиме одново без разлика на вера, народност, пол и убеденија. Заедно, браќа, сестри, земјаци и комшии како што е запишано и во Крушевскиот манифест, ќе се избориме за право, слобода и за социјална правда.
Денес, не повикуваме слобода или смрт, туку и слобода и живот, затоа што денес знаеме дека тоа е остварливо.
Го посетив денеска и гробот на нашиот музички великан од овој град Тоше Проески и сакам да завршам со стих од една негова песна “И секогаш по дождот иде сонце“.