(ВИДЕО) Заев: Предлогот на власта за „бомбите“ е катастрофа

0
1196

Zaev(40)

Лидерот на СДСМ Зоран Заев за предлог законот од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за забрана за објавување на „бомбите“ рече дека читајќи го текстот е катастрофа и има цензура.

– Има недозволиви работи, какошто некои од луѓето коишто реагираа во јавноста, непостоечки дури и во најголемите режими или во општества во коишто не се дискутираат никаде во светот. Точно е дека порано се разговараше во делот на работните групи за во идниот период, кога ќе разгоавраме за правосудството, посебно регулативата околу свиркачите, т.н. whistle blowers, да биде регулирана и оваа материја од проста причина што можно е во иднина да има злоупотреба на приватноста на разговорите на граѓаните, пред се – нагласи Заев.

Според него, секако со оваа регулатива, би требало заедно да се регулира и делот на свиркачите или оние коишто се охрабриле да приложат одредени докази или документи за кривични дела, знаејќи дека ќе има забрана за идно објавување на вакви материјали.

– Но, сепак да се даде можност, ваквите злоупотреби преку законот за свиркачите да биде предаден на институциите на системот за идно гонење на потенцијално криминални дејанија и сторители на такви дејанија. Ова вчера беше комплетно изненадување за нас, за странците, за сите. Очекуваме денеска законот да биде повлечен. Ние не бегаме од било која тема, којашто е важна за Република Македонија и пред се за граѓаните, така да и сме спремни во наредниот период да дискутираме без притоа да ги загрозиме приоритетите веќе дефинирани. До 15-ти да завршиме со медиумите, до 20-ти со техничката Влада и евентуално законски промени, а ваквото донесување на закон, секако потенцирам без цензура и без какви било глупирања, да се има амбиција да се избрише дури и колективната меморија на граѓаните е катастрофално. Кога зборувам за идно објавување на материјали, пред се мислам дека во нашите тајни служби постојат тројно повеќе материјали, од тоа што Заев го поседува. Можат од секаде да летнат материјали во етер во јавноста, на интернет или било каде, којшто би навлегле во приватноста на граѓаните. Затоа сме спремни да разговараме и наша потреба е да разговараме, но за идното објавување на материјалите, заедно со законот за свиркачите – истакна лидерот на СДСМ.

Запрашан зошто заглавија преговорите, кои беа најспорните прашања, зошто мисли дека власта го објави тој закон на прес конференција, тој рече:

– Мислам дека причините се исти за коишто и вие мислите дека се и јавноста веќе знае. Апсолутно, се наоѓаат милион начини како да се купи време плус да се заобиколат важните теми, нема веќе рационално објаснување зошто се постапува на ваков начин. Ние седиме на работни групи, кадешто транспаретно се разговара. Еве гледате денеска веднаш даваме изјава, нема бегање од теми коишто се на маса таму. Апсолутно, ова за мене е глупирање и апсолутно, на штета на граѓаните на Република Македонија. Знаете дека се отворени повеќе прашања во изборниот законик. Почнаа разговорите 25 за 12 синоќа, заради овој закон што се појави вака во Собранието. Разговорите се отворени по неколку важни теми. Изборниот законик опфаќа, прочистување на избирачкиот список, гласање на дијаспората, регулацијата на медиумите, буџетот на партиите и сите други важни и отворени прашања, меѓу кои се, изборните единици, рамноправна застапеност на обата пола и слични теми коишто се многу важни заради тоа што сега е отворено ова прашање и треба да се регулира. Во одредени теми и потточки на законот има одредени напредувања, но она што го знам од претставниците во работната група од нашата политичка партија, тие ми кажуваат дека досега нема една потточка барем заокружена. Така да, денеска се очекува, и таму каде што има значителен напредок, и таму каде што тоа се уште не е отворено, јас очекувам денеска да биде заокружено. Ако дозволивме ваков закон да се појави во Собранието и буквално да нé измести сите од термините коишто си ги зададовме и ги ветивме пред комесарот Хан, денеска треба да е deadline затоа што нема нови теми, тие се темите. Одлуки мора да се носат, да се пресекува и веднаш да преминеме на следните теми.

За ставот на Џафери, Заев нагласи:

– Со достоинствена почит кон господинот, Талат Џафери, излажа. И тоа бесрамно лаже за тоа што го кажа синоќа, па нека ме демантира. Во целиот пакет на разговори разговараме за правосудството. Во тема правосудство е договорено да се разговара и за ова прашање. Од проста причина, потреба на сите чинители во процесот, но на начин на којшто ќе се регулира и идно објавување на материјали. Знаете дека и Заев стави потпис. И eве од договорот од Пржино од 15 јули нема објавено ништо во јавност. Без разлика тоа што се шпекулира во јавност, било застрашувачки за власта, и тоа било причината како тие да се заштитат себеси, иако го претставуваат ова како заштита на граѓаните. Тврдам дека ова е лага. Можете да барате неутрална страна, амбасадорот Орав, амбасадорот Бејли, господинот Питер и сите учесници таму да ви ја кажат вистината.

Заев рече дека нивните позиции се да створи демократски процес, поверлив и доверлив на граѓаните, да му веруваат граѓаните.

– Она што претставува меѓународни стандарди, применливи во Република Македонија за нас се доволен основ за прифаќање. Затоа ни е полесно во преговорите, нашите ставови се принципиелни, јасно прочистување на избирачкиот список, секако, не да му се бендиса на некој од нас, туку граѓаните да имаат доверба во Избирачкиот список. Сакаме дијаспората да гласа и мора да гласа. Понудивме и Министерство за дијаспората, при тоа да биде уставно еднаков по важност гласот, без разлика каде е. Затоа понудивме цензус со 80% од просекот во Македонија за еден пратеник да влезат во матичната изборна единица во Македонија. Тогаш имаме еднаквост на гласови. Секако секое можно унапредување за нас е прифатливо и стоиме на располагаме. Нашиот став е цензусот за жените да рипне од 30-40%, регулација на медиумите, да биде ограничена донација од медиуми да нема, и блиски фирми поврзани со медиумите, да нема донации од трети лица како што се случуваше, 1200 луѓе да донираат по 1000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. Некој директор можеби може тоа да го направи но хигиеничар не може. Затоа тоа треба да биде ограничено, колку донираат физички лица колку правни лица на партиите и се да биде во рамки на нормалата, меѓународните стандарди и она што е реалност во РМ. Има секако уште многу потточки но нашите ставови се принципиелни – нагласи Заев.