(ВИДЕО) Заев: По 11 декември ќе направиме генерален реизбор на судиите

0
483

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска најави генерален реизбор на судиите во Македонија по изборите на 11 декември и целосно раскинување „на спрегата помеѓу судството и криминалната власт предводена од Никола Груевски“. Заев изјави дека „по 11 декември нема да се дозволи ниту еден судија да осудува невини луѓе, да се монтираат судски процеси и да се работи за криминалците“.

– Криминалците ќе бидат таму каде што им е местото – пред лицето на правдата. Лицето на правдата ќе биде независен, одговорен, професионален и непристрасен судски систем во Македонија. Во судовите и денеска има професионалци кои чесно си ја вршат работата и поради тоа трпат притисоци и закани. Нивата жртва денес ќе биде нивна предност во иднина – рече Заев.

Претседателот на СДСМ рече дека реизборот на судиите ќе биде по критериум кој веќе дал резултати во повеќе земји. Дополнително, рече Заев, ќе биде поставен и бројчаник на Порта „Македонија“, кој ќе покажува како секој украден денар им се враќа на граѓаните и ќе биде потсетник за „вакво криминално зло повеќе да не се повтори“.

– Ќе има контрола над власта и правда во Македонија. Ќе има живот за сите во Македонија – заклучи Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за коалицирањето со претседателот на Српската напредна странка, Драгиша Милетиќ, и за реакциите во јавноста и во партијата, тој рече дека добил одврзани раце да коалицира со секој за кој што смета дека може да помогне на изборите на 11 декември. Според Заев, оваа одлука воопшто нема да влијае на рејтингот и на единството во партијата, додавајќи дека Милетиќ за возврат не барал ништо туку шанса да се искупи за гревовите од минатото.

Лидерот на СДСМ очекува денеска да ги добијат потврдите за неосудуваност од судот и до предвидениот рок до полноќ да ги достават листите за кандидати за пратеници.