Премиерот Зоран Заев не се откажува од предизборното ветување дека на крајот на мандатот просечната плата во Македонија ќе изнесува 500 евра. Мандатот истекува предвремно во април поради вонредните парламентарни избори, но шефот на македонската Влада смета дека сепак бројката ќе биде „блиску“ до ветените 30.000 денари.
„Со новото покачување на минималната плата од 14.500 денари, заедно со субвенционирањето на придонесите за работодавците кои ќе ги покачат платите до 100 евра, очекуваме да дојдеме многу блиску до 30.000 денари просечна плата“, напиша Заев на својот профил на Фејсбук.
Нето-плата за септември 2019 изнесуваше 25.435 денари, а премиерот додава дека динамиката на раст ќе продолжи и во наредниот период.
„Ако порано просечната плата растеше за само 800 денари за 2 години, сега за 2 години платите се покачија за 2.300 денари и ќе продолжат да растат уште многу повеќе. Резултатите во економијата станаа видливи и опипливи. Ќе продолжиме да инвестираме во човечкиот капитал!“, додава Заев.