(ВИДЕО) ЗАЕВ НА ПРЕС СО ВАРХЕИ И АВСТРИСКАТА МИНИСТЕРКА ЗА ЕВРОПА: ЕУ НИ ДАДЕ 160 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ НА ФИРМИТЕ И ГРАЃАНИТЕ ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА!

0
284

Претседателот на Владата Заев на средбата информираше за начинот на организација на системот за национална сеопфатна имунизација и за текот на овој процес од кој се очекува до крајот на летото да опфати голем број граѓани при остварување на колективен имунитет на КОВИД-19.

На средбата стана збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изрази очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите кои се во тек, Заев ја истакна посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и ги издвои резултатите кои се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата, додека пред очите на јавноста се случуваат неповратни процеси за справување со организираниот криминал.

Премиерот Заев изрази благодарност и за економската помош од 160 милиони евра од ЕУ, кои и беа ставени на располагање на Северна Македонија за спроведување на политиките за справување со социо-економските последици од пандемијата со кои се спасени стотици илјади работни места и се заштитени различни ранливи групи, како придонес од огромно значење во успешното економско заздравување.

„ЕУ е нашиот пат, а европеизацијата е нашата агенда“, нагласи премиерот Заев на средбата со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

Еврокомесарот Вархеји од своја страна оцени дека денешниот е голем ден што ја симболизира солидарноста на ЕУ со земјите кандидати за членство од Западен Балкан и истакна дека за Брисел е значајно што оваа поддршка ќе ја засили борбата против пандемијата. Вархеји дополни дека нешто повеќе од 119.000 дози се обезбедени и дека во ЕУ работат на обезбедување дополнителна помош за справување со ковид кризата.

Во однос на интеграцискиот процес на нашата земја за членство во ЕУ, Вархеји потенцираше дека Европската Комисија дава силна поддршка на сите напори за изнаоѓање решение на отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел почеток на преговорите и позитивно ја оцени отвореноста и подготвеноста на Република Северна Македонија за изнаоѓање решение.