„Отвараме дебати за иднината на нашата младина. Без младите ни е џабе се. Најпоразителниот факт во Македонија е оваа пуста миграција, иселување. Пред се застапено помеѓу младите луѓе коишто ги напуштаат родните краишта и заминуваат по белиот свет, трудејќи се да најдат подобра иднина за себе и за нивните идни поколенија.
Но, изјавата ја давам овде, пред Офицерскиот дом, симболот по новото време на единството и заедништвото, во борбата да се спречи неговото крчмење“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Пред овој симбол давајќи ја изјавата ја испраќаме пораката до цела Република Македонија, дека граѓаните заедно, сплотено ќе го сочуваат и Уставот, што денеска е толку актуелен во обидите на власта да го врати помилувањето за изборните нерегуларности.
Следуваат многу значајни избори во Република Македонија. Покрај тоа што е важно укинувањето на овие делови од законот и да се спречи овозможување да има помилување за изборни нерегуларности коишто се случиле во минатото.
Многу важно е тоа што, со недај Боже, успешност на ваквиот чин се испраќа пораката дека секој оној кој што ќе направи нови избори измами, нови избори грабежи повторно ќе може да избегне одговорност. Тоа не смееме никој од нас граѓаните да го дозволиме.
Заради тоа што рековме, стабилноста на Република Македонија зависи од фер, регуларни и демократски избори.
Се надевам дека сите со својата одговорност ќе носиме одлуки коишто ќе бидат исклучиво во функција на интересите на Република Македонија.
Денеска со младите овде во Битола ќе ги отвориме важните компоненти каде тие ќе го димензионираат својот живот.
СДСМ во програмата којашто ја усвои во Декември месец, минатата година, значаен дел посвети на младите. Убедени дека тие се нашата иднина и дека ако успееме да ги задржиме овде младите, ако успееме да ги вратиме назад оние кои веќе заминале, сме направиле огромен исчекор и голем успех за нашата Македонија.
Ќе зборуваме за работните места, ќе зборуваме како младите после завршувањето на училиштата и нивното образование севкупно, веднаш да влезат на пазарот во трудот за да можат секако да ги носат и похрабрите одлуки, да стапат во брак, и овде да остават свои поколенија.
Така да, во времето пред коешто сме исправени верувам дека сите ќе бидеме пред се позитивно насочени кон иднината на нашата заедничка Македонија“, изјави Заев.
Господине Заев, на 5-ти јуни ќе има ли избори, кои се вашите проценки и што ќе се случува со преговорите за медиумите?
– Социјал демократскиот Сојуз целиот овој период посветено стои на своите ставови во борбата за обезбедување услови за фер и демократски избори. Целиот овој процес неслучајно вака го отворивме, за да не ни се повтори никогаш повеќе тоа што се случувало во минатото. Ние ја подготвуваме партијата и нашето членство и се надеваме дека ќе анимираме огромен број на неопределени граѓани да се впуштат во процесот на подршка на опозицијата за промена на оваа забегана власт којашто владее во Република Македонија. Ние се надеваме дека тоа ќе се случи на 5-ти Јуни. Ние сме подготвени за избори на 5-ти јуни. Во декември ја усвоивме нашата програма. Но, притоа информациите коишто пристигнуваат од ДИК е дека има шанси, согласно Закон, до 15-ти април да биде прочистен Избирачкиот список и отворен за увид на граѓаните. Увид што ќе трае до 10 дена пред изборите, кога се заклучува и се дава на печатење за подготовка за самите избори. Медиумите остануваат отворено прашање. Но, знаеме сите дека тоа прашање покрај инсистирањето на опозицијата е обврска на многу други активни чинители во општеството. На вас новинарите, на медиумите, на власта, на здруженијата на новинари, на граѓаните генерално, на невладините организации. Но, истовремено е обврска на Република Македонија заради тоа што е една од работите коишто се договорени со договорот во Пржино. Тоа е една од работите за којашто во последната проценка меѓународната заедница, Европската Унија и Соединетите Американски Држави испратија недвосмислена порака дека нема кредибилни избори без дорегулација на медиумите. Истовремено, како што знаете, стои и во последниот Извештај за Република Македонија. Јас се надевам дека во целиот овој период граѓаните сериозно ќе почувствуваат промена на медиумскиот простор, во функција на рамномерна застапеност, на исполнување на професионалните стандарди на медиумите, етичкиот кодекс и сето она што значи нормализација на општеството во делот на медиумскиот простор.
Но, дали има конкретни сигнали да се седне на преговарчка маса во овој период?
– Јас верувам дека ќе има и разговори, ќе има и преговори. Прашањето е дали сите партии, дали двете најголеми партии, дали со меѓународна заедница или не. Затоа што обврската мора да ја чувствуваат сите и верувам дека ќе се изнајдат решенија. Јас сум поприлично убеден дека решенијата ќе дојдат во период којшто е многу брз. Не и значи на опозицијата ништо ако се случи одредена квалитативна промена во делот на медиумите на 5 дена пред изборите. Ние бараме и квалитетно, навремено, за да можеме да ја преставиме нашата програма, нашите политики, нашата визија, нашите кандидати со коишто ќе настапиме пред граѓаните. Само при вакви околности граѓаните ќе можат слободно да одлучуваат, со здобиени информации од сите страни и на крајот пресудна да биде нивната одлука на основа на она што го имаат согледано преку фер третман, пред се преку медиумскиот простор, одговори Заев на новинарските прашања.