(ВИДЕО) Заев: Женскиот фудбал ја има мојата и поддршката на општина Струмица

0
589

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, го означи стартот на кампањата „LIVE YOUR GOALS“ или „Живеј ги своите цели“, проект, кој што го реализираат ФИФА и Фудбалската федерација на Македонија со поддршка на општина Струмица. Покрај претставниците на реализаторите на кампањата и влубениците во спортот, фудбалското игралиште со вештачка трева во Струмица го наполнија 160 девојчиња на возраст од 7 до 12 години од Кратово, Кочани, Штип, Дојран, Кавадарци, Валандово и Струмица. Посакувајќи им убави доживувања во дружењето со фудбалската игра, градоначалникот Заев рече дека тој и Општината, како големи поддржувачи на спортот, даваат континуирана поддршка во развојот на женскиот фудбал во Струмица.

– Младоста и спортот отсекогаш биле во цврста и нераскинлива врска. Струмица како град на младоста и град на спортот, со години ги ползува благодетите на таквата врска. Така било во минатото, така е и денес. И не е воопшто случајно што оваа кампања на ФИФА, наречена „LIVE YOUR GOALS“ или „Живеј ги своите цели“ се реализира токму во Струмица. Оваа кампања на Светската фудбалска организација, е една од најпрепознатливите и најперспективните иницијативи за развој на женскиот фудбал, со што се прави вистинска афирмација и популаризација на фудбалот кај понежниот пол, како на локално, така и на национално и глобално ниво.

Се разбира, откривањето на тајните на фудбалската игра, најдобро е да се случи во најраната возраст, за да можат првичните афинитети и љубовта кон овој спорт, да преминат во активно спортување со прогресивно градење на фудбалска кариера. Од друга страна, женскиот фудбал кој бележи рапиден развој, обезбедува и одлични можности за водење здрав живот, без разлика дали девојките ќе се определат за рекреативно или професионално занимавање со овој атрактивен спорт. Фудбалерките ширум светот, претставуваат идеален урнек за упорност, дисциплина, тимска работа, меѓусебно почитување, учење на фер-плеј и усовршување на фудбалската техника. Еден од најважните бенефити од масовноста во овој спорт, секако е, успешното справување со половата дискриминација ширум сите светски меридијани.

Кога зборуваме за женскиот фудбал, не може а да не го изразам моето задоволство од подемот што тој го доживува во општина Струмица, преку постоењето на Женскиот фудбалски клуб Тиверија и успесите што тој ги постигнува. Овој клуб веќе четири години е стабилен прволигаш, а шампионската титула во кадетска и вицешампионската во младинска конкуренција, се само уште еден доказ за тој подем. Импонира фактот дека клубот има 11 репрезентативки на Македонија во сите категории меѓу кои се имињата на Александра Ристовска, Пале Николовска, Викторија Панчурова и други успешни фудбалерки, со кои сите се гордееме.

Овој клуб во кој секојдневно тренираат 70-тина девојчиња, како и сите други клубови во општината кои активно функционираат, ја имаат мојата континуирана поддршка и поддршката на Општина Струмица, а безрезервна беше и помошта во реализацијата на проектот „Да, и девојките играат фудбал“ на ЖФК „Тиверија“, во кој беа опфатени преку 300 девојчиња од нашата општина. Убеден сум дека оваа кампања ќе даде дополнителен импулс во развојот на женскиот фудбал во Струмица и дека успесите и во иднина нема да изостанат. Драги девојчиња, бидете среќни и исполнети со себе што сте дел од кампањата на ФИФА „LIVE YOUR GOALS“- „Живеј ги своите цели“. Ви посакувам убави доживувања во дружењето со фудбалската игра – рече градоначалникот Заев.

Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски, упати јавна благодарност до општина Струмица затоа што нејзините врати секогаш биле отворени за спортот, а денеска за фудбалот.