(ВИДЕО) Заев во Иловица и Штука: Го слушаме гласот на граѓаните, одлуките ги носиме да бидат корисни за сите

0
343

Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера, во Иловица во организација на општина Босилово и градоначалникот, Зоран Зимбаков одржа средба со граѓани од населените места Иловица и Штука, при што даде изјава и одговараше на новинарски прашања кои Ви ги пренесуваме во целост.

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, вечерва сме овде со министерот за економија г. Крешник Бектеши и градоначалникот на Општина Босилово, секако и со граѓаните на Иловица и Штука и дел од струмичкиот регион на информативна седница, средба заедно со граѓаните, по основ на актуелно прашање за струмичкиот регион, за Општина Босилово и Општина Ново Село.

Одржавме досега неколку средби со претставниците на компанијата „Евромакс ресурсис“ кои што се добитници на Договор за експлоатација, а немаат дозвола за експлоатација, со претставниците на граѓанските здруженија, но ветивме и со граѓаните дека ќе дојдеме да се информираме, да ги слушнеме, да научиме од нив, но и ние да ги пренесеме информациите кои што ги имаме. Се работи за значајни одлуки, кои што ќе влијаат на иднината секако на овој микрорегион Иловица, Штука, на Општина Босилово, Општина Ново Село, кој на целиот Струмички регион, веројатно и на Република Македонија.

Заради тоа, се обидуваме да изнедриме најпаметни одлуки, согласно законите во Република Македонија, со кои што никогаш нема да се каеме, а сепак ќе овозможиме иднина на развојот и на државата, но пред се и на овој регион од кој и јас потекнувам. Денеска, немаме намера овде да носиме некои заклучоци како што реков информативна е седницата. Поради тоа, верувам дека тоа ќе помогне и на Владата, но ќе им помогне и на граѓаните за полесно да ги разбереме работите.

Доволно се секаков вид на шпекулации, кои што ги има пред се по социјалните мрежи најповеќе, но и дел од нашите медиуми пренесуваат секаков вид на информации. Убаво е, граѓаните да знаат за било која работа се, посебно за вака чувствителни работи. Уште еднаш потенцирам, нема позначаен приоритет за нас како Влада, верувам и за било која Влада, од здравјето на граѓаните, од перспективите на овој регион, од традицијата која што ја имаат нашите граѓани, но секако и желбата да децата останат овде да живеат овде, да чекаме деца од нашите деца, внуци. Така да, верувам дека денеска ќе имаме плодна средба на која што ќе излеземе попаметни и ние од Владата, но и граѓаните од Иловица и Штука“, изјави премиерот Заев.

Граѓаните од овој регион, се малку загрижени за безбедноста, со отворањето на овој рудник. Имаме ли, и каква е безбедноста на останатите рудници во нашата земја? Имаме ли како држава анализа?

Одговор на премиерот Заев: Секако дека имаме. Да напоменам дека поради постоењето на одредени рудници, цели градови и цели општини опстојуваат, живеат од тие рудници. Тука е опфатена и безбедноста и сигурноста и здравјето и сето она што претставуваат нормативи на нашето усогласено законодавство во Репубика Македонија, но и она што претставува меѓународна пракса, затоа што минералните суровини се потенцијал за развој на сите во светот, така и на нашата Македонија, но не под било какви услови.

Од тука треба да знаете дека во овој, еве 20 месечен период, се променија многу работи. Имаше дадено концесија овде, со цијаниди, со други отровни супстанции, кои што и те како поради гласноста на граѓаните ги принудија политичарите, како што сум и јас, да ги промениме работите. Целиот технолошки процес е променет, повеќе нема цијаниди и опасни материи во обработката на рудата, но донесовме и нов Закон, во кој што се забранува употребата на цијанидите и опасните супстанци, така да многу работи денеска се сменети.

Во едни вакви околности, ние мораме да бидеме најпаметни и да донесеме одлука. Кога велам ние, не сме Владата, пред се граѓаните. Ние постоиме, да им служиме, да им бидеме сервис на граѓаните и од тој аспект, за вака важни работи не смееме ниту општеството, ниту граѓаните, ниту општините, ниту пак Владата и државата, шпекулациите да ги носат, да ги манипулираат и да бидат пресудни во нивните одлуки. Граѓаните треба да знаат се и граѓаните се последни во процесот на одлучување.

Премиерот Заев: Одлуката за распределба на средства во културата ќе биде поништена, повторно ќе се отворат постапките

Премиерот Заев, пред одржувањето на вчерашната трибина со граѓаните на Иловица и Штука, даде изјава за медиумите и одговори на новинарско прашање кое се однесува на распределбата на средствата за култура, кое ви го пренесуваме во целост:

Одговор на премиерот Заев: Смешно и трагично е, кога ќе кажам дека ниеден документ нема доставено Џез фестивалот. Ниеден документ, го молеа до последен момент. Еден документ, по процедура, по протокол, по сѐ.

Секако, нема да навлегувам во суштината на реакциите. Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена, освен за Националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата, каде се направени фер распределби. Но сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена и ќе биде повторно донесена. Законот дава можност во итни, неодложни случаи, можеби во март има некој фестивал, можеби во април, на транспарентен начин.

Да не заборавиме, рековме ќе ги слушаме граѓаните. Граѓаните денеска реагираа, имаат аргументи и од Министерството за култура, Комисијата за култура, но имаат и граѓаните. Затоа, уште потранспарентно ќе ги донесат одлуките, самата Комисија за култура, при Министерството за култура која е надлежна за нејзиното одлучување и нема кај да брзаме. Постоиме за граѓаните. На уште потранспарентен начин ќе се донесат одлуките и ќе гледаме да биде задоволството колку што е можно поголемо. И лани имаше реакции и уште од лани знаевме дека и оваа година ќе има реакции. Тешко се погодува работата за секој. Не можете да носите одлука за било кој, ако нема документи. Молен е, за доставувањето документи, така сме информирани.

И еден дел од другите институции, на пример никој не знае не е објавено за „Фолк фест Валандово“ за „Макфест“, а реакциите се присутни. Така да, граѓаните реагираа одлуката, којшто ја донел ќе ја поништи, тоа е законски можно, решенија немаат добиено никој за да евентуално тужи или слично. Ќе се отворат повторно постапките на уште потранспарентен начин, одлуките ќе се донесат.