(ВИДЕО) Жерновски: Дали за Груевски посебен интерес е 100 метарски хотел во Градски Парк?

0
512

zr 1

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска на прес конференција информираше дека Владата донела одлука со која на местото на сегашните бараки во кои е сместена локалната самоуправа на Град Скопје ќе се гради хотелски комплекс, притоа запрашувајќи дали посебен интерес за премиерот Груевски е градењето на хотел од 100 метри.

„Аферата со владината узурпација на земјиштето во Општина Центар и скриените бизнис интереси на оваа власт почнува да достигнува фрапантни размери. Во понеделникот откривме дека за актуелната власт, градби од посебен интерес се обични стамбени згради. Сега ќе видите дека со задоволување на апетитите на криминалната Влада на Груевски, градби од посебен интерес се и луксузни хотели“, рече Жерновски.

Тој информираше дека на 21 јули, Владата донела одлука дека земјиштето на кое се наоѓаат бараките на Град Скопје, се прогласува како земјиште за градби од посебен интерес.

„По истиот криминален метод како со парцелите на ПУИГ, Владата си ја присвојува оваа атрактивна парцела во паркот со димензија од 218 метри должина и 28 метри ширина. Целиот овој потег не се ни догледува од ова место. Внимавајте, на оваа парцела е предвидена градба од посебен интерес – Хотелски комлпекс, означен со маркица Б4. Повторно го прашувам Груевски, чиј посебен интерес е хотелскиот комплекс кој го планира тука? Дали е тоа од општ интерес на граѓаните на Скопје или на градежната мафија, која тој ја контролира“, рече Жерновски.

Според информаициите на општина Центар на земјиштето се подготвува градба долга и робусна како „Кинески ѕид“.

„Го повикувам Груевски веднаш да одговори, дали е точно дека на овие 6104 м2 се планира хотел висок 30 ката и долг повеќе од 100 метри? Господине Груевски, дали сте воопшто свесен какви последици би имала оваа градба по здравјето на граѓаните? Господине Груевски, дали сте свесен дека заради вашата лакомост ваквата градба ќе го засени паркот, ќе го сопре природното струење на водухот и ќе го уништи целиот концепт на овој дел од градот? Дали криминалните бизнис апетити се поважни од здравјето на луѓето?“, нагласи Жерновски.

Градоначалникот нагласи дека градбата ќе биде висока 100 метри, што е за 5 пет пати повисоко од постојниот „Кинески ѕид“.

„Ова што се случува во општина Центар веќе не е проблем само на Центарци, туку на сите граѓани на Скопје и пошироко. Овој парк го носи името Градски Парк и со ваква градба би бил целосно уништен, да не речам, неупотреблив.

Дополнително, деновиве до нас пристигна и документација која потврдува дека на идентичен начин Владата присвоила и други земјишта на територија на општина Центар. Ќе ги објавиме овие податоци, но како што тргнал Груевски, очигледно планира да го одземе целото земјиште на општината преку класичен криминал и незаконски одлуки.

Јас како градоначалник на Центар, ќе направам се за да го спречам ова. Му порачувам на Груевски дека отворивме војна против него и градежната мафија, против сите кои сакаат да профитираат буквално на семтка на здравјето на граѓаните.

Покрај инстутиционалната борба што ќе ја водиме како општина, повикувам на масовен граѓански отпор против ваквото градежно насилие на власта. Ова мора да прекине и овие градби не смее да се градат. Утре е закажана првата средба со невладините организации и граѓаните на која ќе се договориме како и преку кои механизми ќе се спротиставиме на овие незаконски и криминални одлуки“, рече Жерновски.