(ВИДЕО) Елмас слави прв трофеј, Наполи на пенали го доби Куп-финалето против Јуве!

0
86

Екипата на Наполи победи во финалето на Копа Италија против Јувентус одиграно на „Олимпико“ во Рим. Откако регуларните 90 минути завршија без победник и без голови, одлуката за наследникот на Лацио се носеше преку шутирањето пенали. Таму поуспешни беа избраниците на Џенаро Гатузо, кои покажаа поголема концентрација и нерви при пенал-рулетот (4-2).

Џанлуиџи Буфон беше најзаслужен што во првиот дел немаше голови. Ветеранот на голот на „старата дама“ имаше неколку клучни интервенции и спречи водство на противникот. Најзрелата шанса ја имаше Мертенс, кој од слободен удар ја погоди стативата. Потоа истиот фудбалер биеше од далечина, но италијанскиот голман одново беше на висина на задачата.

На спротивната страна најактивни беа Дибала и Роналдо. Португалецот имаше колосална шанса при една грешка на противничката одбрана, но неговиот пласиран удар го прочита голманот Мерет.

Роналдо Наполи

Во продолжението тренерите направија многу измени, а на теренот не изобилуваа големи шанси и закани. Екипите му пристапија тактички на вторите 45 минути, особено во завршницата, кога шанса за настап доби и нашиот Ељиф Елмас. Џенаро Гатузо со македонскиот интернационалец се обиде да внесе свежина во последните десет минути од натпреварот.

Нововлезениот Елмас промаши зицер од две метри, шутирајќи во гужвата пред него, наместо во мрежата. Доколку погодеше сигурно дека ќе беше херој во финалето, со оглед на тоа што до крајот остануваа само 30-ина секунди. Така, победникот се решаваше преку пенал-рулетот, бидејќи новото правило ги скрати продолженијата по 15 минути.

Прв шутираше и промаши Дибала, па предноста ја потврди Инсиње. Како ќе се одвива завршницата покажа второто промашување на Данило, кој промаши цел гол. По неколку реализации во низа, Милик постигна погодок за конечна победа и титула за Наполи.

Извор : Гол.Мк