(Видео) Европратеничката Спираки до Груевски: Македонија има сериозен проблем со демократијата и со начинот на кој функционира земјата

0
554

Европратеничката на Нова демократија, Марија Спираки, се соочи директно со премиерот Никола Груевски околу ставовите за недостигот од демократија и од демократски вредности на македонската влада. Спираки и Груевски се соочија на состанокот на парламентарната група на Европската народна партија во Европскиот парламент, на кој македонскиот премиер беше соочен со прашања од повеќе европратеници во врска со ситуацијата во Македонија. Спираки побара од него да објасни дали и понатаму, по сите случувања во Македонија, смета дека само името е проблем за нашето тапкање во место во однос на ЕУ, пренесе Мета.

gruevski 7

Груевски, заобиколувајќи ја теоријата на Спираки за недемократско однесување на неговата влада, се фокусираше само на можноста за решавање на името. Премиерот ја префрли топката за застојот во преговорите за прашањето за името на грчка страна, обвинувајќи ја Атина дека поради преокупираноста со финансиските проблеми, го има ставено решавањето на името на „стенд бај“. Груевски забележа дека веднаш по изборот за премиер, Алексис Ципрас му се јавил да предложи забрзување на решавањето на името, додавајќи дека приоритетите на Грција во овој момент се поврзани со финансиската криза и разговор и средба ќе има кога ќе дојде време за тоа.

– Ние би сакале колку е можно побрзо да постигнеме договор за прашањето за името. Му се јавив на новиот премиер кога беше избран и освен што му честитав за победата, му предложив да го забрзаме наоѓањето решение, да дојдеме до некаков компромис. Тој рече дека во тој момент е фокусиран на финансиските проблеми и дека ќе се сретнеме кога ќе дојде време. Оттогаш досега не се јави, а официјалниот посредник, Метју Нимиц, во овој период не ги има посетено нашите земји и ни се нема јавено. Очигледно го чека периодот кога Грција ќе биде дефокусирана од финансиската криза, со која се соочува – изјави Груевски на парламентарниот состанок во Стразбур.

Тој истакна дека Македонија би сакала да има нормални и пријателски односи со Грција, која, сепак, не ја спомена по име туку како „нашиот јужен сосед“.

Со овој кус одговор, Груевски ги избегна сите прашања поврзани со политичката криза во земјава. Спираки, која постојано истакнуваше дека Македонија сè уште чека пред европските порти поради недостиг од демократија, непочитување на основните Копенхашки критериуми, непочитување на основните човекови права и владеењето на правото, со остри тонови побара од Груевски да одговори дали навистина верува дека македонската влада го почитува и спроведува Охридскиот договор во негова целост, како и да објасни зошто по последните избори опозицијата одбива да учествува во работата на македонскиот парламент.

Поранешната новинарка, која на последните евроизбори во Грција беше избрана за пратеник на Нова демократија во ЕП, побара објаснување и зошто опозицијата и голем дел од медиумите не веруваат дека е почната независна истрага за телефонските прислушувања во кои е вмешан и братучедот на Груевски, Сашо Мијалков.

– Веќе го имате обвинето, според медиумите, лидерот на опозицијата дека сака да ја преземе власта со поддршка на странски служби. Дали ова значи дека Вашите аргументи се во иста линија со теоријата на Лавров дека некој се обидува да ја дестабилизира Вашата држава поради вашето учество во гасоводот „Турски тек“? – праша Спираки.