(ВИДЕО) ДРАМА ВО КАРПОШ: Скопската хероина Сема Џеладини спаси петгодишно девојче од Вардар

0
1189

Сема Џеладини, вработена во кол-центарот на Клиничката болница Аџибадем – Систина, во петокот навечер околу 20 часот, жртвувајќи го својот живот во надојдените студени води на реката Вардар, помогна да се спаси животот на едно петтогодишно девојче, јави порталот Алмакос.

Таа раскажа како успеала да помогне да се спаси животот на едно девојче, кое таа квечерина возејќи велосипед заедно со нејзината мајка изгубило контрола и паднало во реката Вардар.

– Во петокот вечерта бев излезена на пауза околу 20 часот. Седнав на клупите, кои гледаат кон кејот на реката Вардар. По 10-15 минути, се изненадив кога слушнав извици. Се свртев кон кејот. Видов девојче, на возраст од околу пет години, како немаше контрола врз велосипедот, не можеше да закочи. И падна во реката Вардар – раскажува Сема.

За да го спаси девојчето, прва во Вардар се фрлила нејзината мајка. Сема увидела дека мајката, поради надојдените води, брзиот тек и длабочината не може да го извади девојчето надвор од реката. Таа притрчала од клупата и се спуштила на работ од кејот.

– Девојчето беше многу испаничено, многу уплашено. Ми ја подаде раката за да ја спасам. Се бореше. Ја фатив за рака. Бидејќи работ беше многу лизгав, за да не ја испуштам од рака и јас заедно со неа влегов во вода – вели таа.

Сема сѐ уште се сеќава на извиците на девојчето, вели дека зборовите на малата ќе ги запамети цел живот.

– Дадо, дадо, те молам спаси ме, и ми ја подаде раката. Дадо, те молам не ме оставај. Не ме оставај да умрам. Те молам помогни ми, викало девојчето.

Откако Сема заедно со девојчето, со големи маки стасале до работ на кејот, на помош дошле и тројца мажи. Тие им помогнале на трите да излезат од реката, по што девојчето ја прегрнало Сема и така стигнале до Ургентниот центар на болницата, каде малечката била прегледана. За среќа, немала никакви повреди.

Сема вели дека повторно би го направила истото и дека во тој момент чувствувала само едно, дека мора да го спаси девојчето и не ни помислила на својот живот.

И нејзините родители се горди со храброста на нивната ќерка.

– Моите така и ме пораснаа мене. Сепак, за живот се работи. Нашата клиничка болница истото лого го има. Сепак, за животот се работи – додава таа.

Претпоставените на Сема во болницата беа горди што имаат вработена која без да се двоуми може да се жртвува за да спаси друг живот.

Сема и денес е на своето работно место, продолжува да им помага на пациентите што се јавуваат во кол центарот на болницата.

– Добар ден моето име е Сема како може да ви помогнам – ги пречекува таа пациентите.