(ВИДЕО) Димова: Фамилијата намерно бега од ИПА, за да става милиони во своите џебови

0
1453

Денешниот нов обид на власта на Никола Груевски да ги задолжи граѓаните со неверојатни 650.000.000 евра преку издавање на еврообврзницата е доказ само за едно – оваа криминално-корупциска власт намерно бега од ИПА фондовите и од достапните европски пари за да можат да се задолжуваат со пари што можат да ги трошат без контрола, изјави денеска Лидија Димова, пратеничка од СДСМ.

– Парите од ИПА фондовите е тешко да се користат без контрола на европските институции. Тоа што Европската комисија одлучи да скрати 96,1 милион евра од ИПА средствата за Македонија е јасен сигнал дека европските институции покажуваат недоверба кон намерите на оваа власт којашто работи спротивно на интересите на граѓаните. Исто така, очигледно дека Европската комисија покажува недоверба во капацитетите на институциите што ги раководи оваа власт за успешно и транспарентно користење на парите од ИПА фондовите во проекти од интерес за граѓаните. Каде се седумте секторски стратегии и соодветните Патокази со индикатори за мерење на успехот што ги бара Европската комисија?! Не се направени. Дали власта обезбеди доволно буџетски средства за функционирање на оперативната структура за спроведување на проектите, по наодите на извештаите на главниот ИПА – ревизор? Не. Зошто не се предвидени повеќегодишни секторски буџети што ќе бидат тесно поврзани со националниот буџет? Зошто не се формирани бараните секторски работни групи во коишто, покрај претставници на институциите, треба да членуваат и другите засегнати чинители во општеството? Зошто нема формалнa рамка за консултација и координација со засегнатите страни, меѓу кои и граѓанското општество? – праша таа.

Димова истакна дека не постои Секторска оценска рамка којашто треба да овозможи рано и правилно интервенирање во спроведувањето на потребните секторски реформи за користење на фондовите.

– Во една реченица, 10-годишната власт на Никола Груевски не создаде институционален капацитет за користење на ИПА средствата од Европската Унија. Искористеноста на парите од ИПА фондовите во измината деценија е само околу 150 милиони евра. Ако власта на Груевски имаше намера да обезбеди подобар живот за граѓаните на Македонија ќе направеше се што е потребно да ги употреби парите од ИПА фондовите во борбата против корупцијата, добро владеење со јавните финансии, изградба на инфраструктурни проекти, изградба на социјална инфраструктура, подобрување на образованието итн. Но, фамилијата на власт сака пари во нивните џебови. Затоа, Груевски и соработниците, наместо да ги користат неповратните средства преку ИПА програмите или евтините кредити од ММФ, Владата прави последни напори да се осигура дека до крај никој да не им пречи во полнењето на приватните џебови, издавајки ја еврообврзницата по екстремно висока цена што ќе треба допрва да ја плаќаат сите како граѓани на Македонија – додаде Димова.