(ВИДЕО) Градоначалникот на Прилеп, Јованоски: Ќе произведуваме еко-маски, сообраќајната полиција врши дополнителен надзор на луѓето кои влегуваат во Прилеп

0
850

Во телефонско јавување на „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ имаше градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски кој зборуваше за состојбата во градот.

-Мерките на Владата се одлични. Проблемот и во Кина и во Италија е несериозноста на голем дел од граѓаните. Во Прилеп заклучно со вчера имаме 76 лица во самоизолација. Ги следиме. Вчера имаше 4 кривични пријави за непридржување на самоизолацијата. Сите одделенија во општина се затворени и сите работи ги примаме електронски, изјави Јованоски.

Тој кажа дека компанија во Прилеп вчера ги произведе првите 1.000 заштитни маски кои ќе бидат распределени таму каде што се потребни, како и дека граѓаните се придржуваат до препораките.

-За среќа имаме општествено одговорни лица. Ќе произведуваме еко-маски, ќе ги стерилизираме за секој случај во болницата. Вчера се направени 1.000 маски, денеска ги спремаме и до пладне ќе ги распределиме низ медицинскиот персонал. Ова што го направи Горан Илиевски за производство на маските е пример за цела Македонија и типичен пример за општествена одговорност. Морам да кажам дека прилепчани ги почитуваат мерките. Сообраќајната полиција врши дополнителен надзор на луѓето кои влегуваат во Прилеп, рече Јованоски.