Социјалдемократите од Кавадарци реагираат на одлуката на кавадаречкиот совет донесена на последната седница, која ги опфаќа цените за зонско паркирање во градот. Според СДСМ кавадарчани ќе плаќаат најскап паркинг во Македонија, бидејќи градоначалникот избрал погрешен модел, јавно приватно партнерство, наместо јавно претпријатие.
„ Воведувањето на зонско паркирање во Кавадарци е уште еден криминален проект на ВМРО-ДПМНЕ, на штета на граѓаните. Ние како СДСМ не сме против воведувањето на ред во однос на паркирањето во Кавадарци, но сме против моделот што го избра градоначалникот Александар Панов, а тоа е јавно приватно партнерство“ рече советникот на СДСМ, Горан Белевски на прес конференција.
Тој напомена дека за 3 часа паркирање во центарот на градот, во прва зона ќе треба граѓаните да платат 80 денари. Понатаму, наместо да се наплаќа до 21 или 22 часот, како што е пракса во другите општини во земјава, граѓаните во Кавадарци ќе плаќаат паркинг до 24 часот.
„Станарите од колективните стамбени згради ќе плаќаат по 300 ден. Месечно или 500 ден. за две возила што навистина е премногу. Дуќанџиите за резервирано паркинг место ќе треба даплатат, ни помалку – ни повеќе, туку 45.000 денари вои прва зона, 30.000 денари во втора зона и 20.000 денари во трета зона. Ова ќе биде невиден арач за граѓаните и дуќанџиите во Кавадарци. Градоначалникот Панов, на последната седница предложи, концесионерот кој што ќе стопанисува со паркинзите, наместо 15% да плаќа 12% комунална такса од вкупниот приход, што значи, помалку пари за општината, повеќе за концесионерот“ обвинува опозицијата и прашува во чиј интерес работел градоначалникот Панов, дали во интерес на граѓаните или на некој поединец.
Според СДСМ проектот за зонско паркирање во Кавадарци бил еден од најкриминалните и најкоруптивните проекти на градоначалникот Панов за кој ќе имало темелно истражување по промената на власта.
Одлуката со која се регулираат цените за паркирање во Кавадарци помина на седница на кавадаречкиот совет. Беше подржана од советниците на владеачката партија, додека опозицијата гласаше против.