Дел од говорот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на маршот во Куманово:
[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=OUe_1AwbMLI[/youtube]
Добровечер херојско, непокорно, револуционерно Куманово!
Еве почна пролетта, а почнуваме и од Куманово, како што си е редот. Во историјата почетоците на борбата за слобода биле токму од Куманово и Прилеп.
Изминатите два месеци, ја отворивме Вистината за Македонија. Заедно со вистината, еве ни дојде и пролетта. А знаете дека во пролетта се враќа и среќата, се враќа и надежта, се враќа и желбата за добра иднина.
И еве, од овде, од Куманово, да ја најавиме долгоочекуваната македонска пролет. Ова e македонската пролет, почетокот е во Куманово. Ќе ја вратиме сите заедно, слободата и демократијата во нашата земја.
Почитувани граѓани, сите веќе знаеме што се случува во Македонија.
Видовме што се случувало при сите изборни циклуси, без разлика дали се парламентарни или локални избори. Видовме како се носат пресуди во оваа наша Македонија. Како е да си правичен, ама ако не си на страна на власта, правда не можеш да добиеш. Сега знаеме зошто тоа било така. Ги видовме сите овие мега скандали, пљачка на ангро на овој наш народ. Додека тој осиромашувал, тие направија милијарди евра.
По цела Македонија, сите зборуваат за бомбите на опозицијата. Сите зборуваат за доказите и аргументите коишто ги споделивме со нашиот народ. Целата оваа храброст и одважност што се раѓа во Македонија, после долги години страв, уплашеност, угнетеност, замолченост, нé прават уште похрабри да истраеме во борбата којашто заедно ја водиме.
Но, кога ги гледам овие знамиња заедно, кога го гледам нашиот народ заедно, и Македонци и Албанци, и Срби, и Роми, и Турци, и Власи и Бошњаци, заедно, водени од поривот што го носат во душата, да си ја вратиме слободата и демократијата, е тоа дава и сила, тоа дава решителност и упорност, да успееме до крај.
Храбри сме и решителни, но оваа битка не припаѓа само на опозицијата. Правото за борба за слобода е право на секој граѓанин. Ова веќе не е битка помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ова веќе е борба помеѓу целиот наш слободарски наш народ и врхушката на ВМРО-ДПМНЕ. Нема овде само СДСМ, нема овде само опозиција. Овде си требаме сите, ми требате сите, и најверојатно, ви требам и јас вам. Дајте рамо до рамо, заедно да ја извојуваме оваа битка на мудар и паметен начин, со збор, аргументи и докази, како што приликува во 21 век.
Затоа, сакам од овој слободарски град да ја испратам пораката и до пордджувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Како сте можеле и вие да знаете какво зло е во врвот и на државата и на вашата партија? Сигурно не сте знаеле. Сигурно она што го следите преку окупираните медиуми, тоа што се дозираше на целата нација, така и на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Но, јас не барам од вас лево да свртите, кога имате десна определба на вашата опција.
Јас барам од вас да не продолжите да бидете соучесници со она што го слушате со ваши уши, изговорено од сопствениот глас на Груевски во сопствените телефонски разговори.
Барам од вас да се приклучите заедно да си ја ослободиме Македонија, а после тоа ќе продолжиме да се натпреваруваме во фер и демократска атмосфера, но исклучиво за интересите на Република Македонија.
Апелот и пораката е до сите. Овде нема партии, овде нема поединци, државата е заедничка и слободата заеднички мора да ја вратиме.