(ВИДЕО) Георгиевска : Со речиси две милијарди денари ќе се поддржат плати за 60.000 вработени за месеците февруари и март, грижата за сите продолжува

0
180

Прес-конференција, Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Со петтиот пакет економски мерки, Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев продолжува со вистинска грижа за работниците, за граѓаните, за економијата.

Спас на работните места и градење на стабилна, развојна економија се приоритетите од кои се водиме како државничка и одговорна партија.

Токму затоа првата мерка од петтиот пакет е финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март 2021 година во вредност од 1 милијарда 920 милиони денари.

Поддршката и овој пат ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, во зависност од тоа која компанија колкав пад на приходи имала во текот на ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020 година.

Преку оваа мерка ќе бидат опфатени 60.000 вработени.

Како алтернатива на оваа мерка, на компаниите им стои на располагање и мерката број два односно кредити со 0% камати преку Развојната банка на Северна Македонија за компаниите од дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани, приватните здравствени установи, како и за самостојните вршители на дејност и за приватните здравствени установи.

Во зависност од вкупниот обем на работа и зголемената добивка, компаниите ќе имаат можност да добијат скалесто неповратен дел од 30% до 50% од самиот кредит, а за реализација на оваа мерка предвидени се 615 милиони денари, односно 10 милиони евра.

Почитувани,

Токму финансиската поддршка за исплата на плати беше од најважните мерки во претходните пакети, мерка со која се спасија стотици илјади работни места и се помогнаа илјадници домашни претпријатија.

И во оваа 2021 година продолжуваме со реализација на мерки и политики што имаат за цел враќање на претходните стапки на економски раст, односно раст меѓу четири и пет отсто.

Најтешкото е зад нас. Остануваме посветени на поддршка на нашата македонска економија која носи можности за сите.