(Видео) Вечерва гушкање на ГТЦ, во недела сите на референдум!

0
545

gtc

Најбројни до сега, центарци излегоа да го гушнат ГТЦ и да покажат дека во недела на референдумот ќе го бранат последниот симбол на модернистичко Скопје. Над 2.000 граѓани се распоредија околу трговскиот центар и си го најдоа своето место во одбраната на овој култен објект. Аплаудираа и во еден глас извикуваа „Не го даваме, не го даваме!“, пренесува А1он.

По концертот пред Градскиот трговски центар присутните граѓани по трет пат го гушнаа овој објект и покажаа дека не им е сеедно дали ќе биде променет или сочуван. Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ го организираше третото гушкање и се надеваат дека ќе биде последно во пресрет на референдум.

По гушкањето на влезот од ГТЦ од страната на плоштадот продолжи концертот на кој вечерва настапија Ана Костовска, музичкиот колектив „Флека“, Бени Шакири и Златко Ориѓански.На граѓаните им се обратија неколку архитекти, активисти и професори кои поентираа дека нема аргумент да се промени изгледот на ГТЦ, но дека има безброј аргументи тој да биде сочуван.

[youtube height=”HEIGHT” width=”WIDTH”]https://www.youtube.com/watch?v=9PHj1Qeu0ww[/youtube]

Професорката Бети Аврамовска рече дека ГТЦ е нераскинлив дел од нашата историја и дека се друго би било фалсификување на историјата.
Професорот Никос Чаусидис рече дека ГТЦ е дом за сите граѓани и дека во него се вложени судбините на оние кои го штитеа до сега, тоа е, рече, доволна гаранција да ја преживее катастрофата која му претстои.

Професорот, Мартин Гулески, рече дека објектот е значајна страница од нашата историја и дека не смее да се обезличи. На граѓаните им се обрати и режисерот Александар Поповски, внукот на архитектот, Живко Поповски кој го проектирал ГТЦ.

– Не смееме да дозволиме да не премачкаат – рече тој.

Активистот, Никола Наумовски, пак, праша што ќе прави претседателот, Ѓорге Иванов, за време на референдумот.

– Нашиот глас е поважен од нивниот. Не можат да прават што сакаат со нашите дневни соби, не смеат да ни декорираат без контрола. Ако не излеземе во доволен број, ќе им дозволиме на политичарите да одлучуваат во наше име – посочи Наумовски.

Извор: А1он