Сериозни индиции и документи упатуваат дека зад компанијата Балкан петролеум од Лондон која најави преземање на Макпетрол стои контроверзниот бизнисмен Ури Бидер познат по уништувањето на романската рафинерија РАФО. Од април неговото име веќе стои и во централен регистар на РМ како раководител на подружница на фирмата Алов, која се занимава со трговија на големо на нафтени деривати.
На акционерското собрание на АД Макпетрол на 11-ти јуни, Ури Бидер бил виден како влегува во управната зграда на компанијата придружуван од директорот на Алов. Имал документи за полномоштво на акции, добиено од акционер во Макпетрол.
Во базата на податоци за фирми основани во Англија одкаде дојде понудата за купување на Макпетрол може да се најде и името на Ури Бидер. Тој е поранешен директор на фирмата Балкан петролеум лимитед која го купи РАФО во Романија, купопродажба која заврши со истрага за фирмата и за Бидер.
Фирмата на Бидер преку кипарска фирма влезе во Романија со понуда за превземање на мнозински пакет во рафинеријата РАФО. Слична приказна, фирма основана во Англија во сопственост на кипарска фирма и со понуда за превземање на мнозински пакет стигна и до македонската берза за Макпетрол.
Понудата дојде од фирма со речиси идентично име со романската фирма на Бидер, Балкан Петролеум холдинг лимитед, која ја основал извесен Васили Евдокимов, на 28-ми мај со капитал од илјада евра.
11 дена подоцна Балкан петролеум холдинг лимитед ја доставува понудата за преземање на Макпетрол. Но Ури Бидер, бизнисмен кој има украинско потекло, и израелско државјанство веќе е во Македонија. На 14-ти април регистриран како раководител на подружницата на фирмата Алов во Илинден.
Во документите му е наведена адреса во израелскиот град Херзлија, таа адреса е всушност адреса на семејната куќа со број 14 во предградието на Тел Авив. Раководителската позиција на Ури Бидер е во објект во населбата Илинден каде е скопското седиште на компанијата Алов.
Кога дојдовме таму, надлежните во фирмата прво ни кажаа дека нема потреба да снимаме додека не се завршат градежните работи во кругот. Кога ги прашавме каде е раководителот Ури Бидер и неговиот син кој исто така доаѓал во Македонија ни тврдеа дека не е во државата туку дека е во странство.
Фирмата Алов каде раководител е Ури Бидер е формирана во 2009-та година од државјанинот на Азербејџан Аладин Јусифов. По повеќе промени на директорските позиции последната промена е направена во 2013-та, а во април 2016-та е додадено и името на Бидер. Фирмата Алов го доби последниот тендер за набавка на нафта за ЈСП вреден 10 милиони евра, а договорот е објавен во февруари оваа година.
Балкан Петролеум вчера по трет пат до Макпетрол доставил допис за намера за преземање и по трет пат, неуреден – во поглед на полномошното на застапникот Петар Стојановски.
-По разгледувањето на доставената документација, повторно се утврди дека е неуредна и нецелосна и врз основа на истата не може да се постапува“, стои во известувањето на Макпетрол до македонската берза.
Според законските прописи Балкан Петролеум има рок до 9 јули да ја доставија својата комплетирана понуда до Комисијата за хартии од вредност.
Видеото може да го погледнете ОВДЕ