(ВИДЕО) БОМБА НА ЗАЕВ: Владата ги усвои предлог амандманите, прифатени се барањата на дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ, Рамковниот Договор влегува во преамбулата, наместо актите на АСНОМ се впишува прогласот на АСНОМ

0
1389

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска, на прес–конференција информираше за текстот на нацрт амандманите на Уставот на Република Македонија што ги усвои Владата на 99-та седница, што се одржа денеска.

Текстот на нацрт амандманите, како што рече премиерот Заев е создаден согласно договорот од Преспа, како и во согласност со одлуката на Собранието на Република Македонија донесена со две-третинско мнозинство на пратениците за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија.

„Стручната и академската јавност оцени дека предложените насоки се во согласност со меѓународното право и меѓународните стандарди за човекови слободи права и особено со интересите на Република Македонија и нејзините перспективи низ евро – атлантските интеграции, каде што еден од чекорите беше договорот со Република Грција.  Оттаму нацрт амандманите заслужуваат поддршка од сите пратеници, секако во име на интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ“, посочи Премиерот Заев.

Со предложениот текст измени ќе претрпат четири амандмани од Уставот, односно  амандманите 33, 34, 35 и 36.

Во членот 33 зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36.

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, а по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а  се бришат зборовите „одлучија да“.

Понатаму, предлогот за измена на амандманот 35 гласи е да се додаде уште еден став, односно „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“.

Последната измена се однесува на амандманот 36. Во него се предлагаат следниве измени:

1.Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ;

2.Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината;

3.Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство;

4.Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи;

5.Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.

„Ова го направивме низ исклучително инклузивен процес, којшто според мене претставува една нова вредност во македонското општество. Покрај инклузивниот и интер етнички дел на дебата во државата кој што се одвива повеќе од година дена, драго ми е што преку процесот на помирување, изнаоѓаме начини, што исто така се зачетоци, но добри зачетоци, на еден инклузивен процес помеѓу власта и опозицијата. И во тоа светло и во тој дух верувам дека таа инклузивност, тоа помирување, тоа подавање рака, заедничка дебата и вградување во сето она што е барем најважно за државата, ќе испрати сериозна порака до граѓаните за надминување на големите делби, политички пред се, коишто постојат во државата, а и за потребата граѓаните некогаш да не видат заедно  за важни прашања од интерес за државата и на иднината на сегашните и на идните генерации“, истакна премиерот Заев.

Измените на Уставот ан Република Македонија ќе стапат на сила откако грчкиот Парламент ќе го ратификува договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, како и откако Грција ќе го ратификува протоколот за пристап на Република Македонија во НАТО. Што, всушност претставува и гаранција за членство на Република Македонија во НАТО.

„Верувам дека во едни вакви констелации, сите на крајот ќе се одважиме и ќе ја понесеме одговорноста којашто ни е дадена од граѓаните да носиме одлуки во нивно име, се со конечна цел да ги ставиме во позиции на подобар, поквалитетен живот, којшто сакаме да го имаат дома, токму тука, во Република Македонија“, додаде Премиерот Заев.

На новинарско прашање во однос на впишувањето на Охридскиот Рамковен договор во Преамбулата на Уставот, премиерот Заев истакна дека кога веќе се вршат измени на Уставот, редот е, како конститутивен елемент на Република Македонија, во Преамбулата да биде впишан и Охридскиот Рамковен договор бидејќи тој веќе е дел од Уставот на Република Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање, пак, за замена на одлуките на АСНОМ, премиерот Заев истакна дека наместо Манифестот на АСНОМ, се предлага во преамбулата да се внесе Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, кој зборува за единство, за слобода, за човековите права на граѓаните во државата.

Пред претставниците на медиумите, премиерот Заев истакна дека на создавањето на текстот на нацрт амандманите за уставните измени, претходеа средби со групата од осум пратеници од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата коишто гласаа за пристапување кон измени на Уставот и дека во текстот на нацрт амандманите се вметнати и нивните предлози.

Текстот на нацрт амандманите на Уставот на Република Македонија е достапен на следниов линк: https://vlada.mk/nacrt-amandmani