(ВИДЕО) Алексов: Изборите не се прекинати туку се замрзнати поради Ковид 19, а по укинувањето на вонредната состојба се бројат 22 дена до избори

0
114

Прашањето со изборите не е политика или нешто што не е изводливо, туку зборуваме за техничко-методолошко спроведување на избирачкиот список, што е секојдневна работа на инситуциите. Граѓаните пак, секој ден извруваат дејствија во услови на пандемија, кои се слични со чинот на гласањето, вели Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ.

Тој во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ рече дека со имањето конкретен датум за избори, се чисти теренот за шпекулации и институциите ќе можат лесно да ги спроведат неопходните подготовки.

-Тоа што треба да се случи е конструктивно да се разграничат сите моменти, пред се со здравствената ситуација и во каков правен вакуум можеме да влеземе доколку не се адресира датумот за избори. Ако го имаме датумот, имаме почист простор во кој нема да може да се калкулира. Владата со уредба треба точно и прецизно да им наложи на институциите да ги спакуваат изборите, вели Алексов.

Според него, последното ажурирање на избирачкиот список е направено на 1.мај, што значи дека без разлика што во март е завршен јавниот увид, ДИК има добиено избирачки список со состојба до 1.мај.

Посочи и дека во Јужна Кореја изборите беа спроведени во услови на пандемија а без сериозни последици по здравјето на граѓаните.

-Дали е изводливо да одиме во продавница или на пазар во овој период? Има работи кои граѓаните секојдневно ги прават, а наликуваат на нешто што значи гласање на избори. Ако се земе примерот со Јужна Кореја, таму се гласаше и имаше рекордна излезност и потоа немаше нови пикови. Така што изводливо е гласањето. Ова не се регуларни избори. Во 2004 година кога имавме вонредни претседателски избори, избирачкиот список беше ставен во функција за само 10 дена. Она што ДИК може да го направи денес е да ги повика граѓаните да направат проверка на личните податоци во канцелариите на ДИК. Практично избирачкиот список е на увид секој ден, потенцира првиот човек на МОСТ.

Тој укажа на Решението потпишано од Владата и ДИК, дека изборите не се прекинати, туку се замрзнати поради Ковид 19, а по укинувањето на вонредната состојба, според тоа Решение, се бројат 22 дена до избори.

Алексов смета дека по ова ново иксуство со пандемијата, во иднина треба да се извлечи поука и да се направи анализа за тоа кои моменти од Изборниот законик треба да се пропишат, односно да се регулираат одредени работи поврзани со вакви случаи како пандемија.

-Бидејќи никој не може да претпостави што ќе се случува во септември или пак следната година, вели извршниот директор на МОСТ.